Македонија
9. September 2025 - 12:16

„Синот“ на струмичкиот театар го отвори 33. фестивал „Ристо Шишков“

Претставата Синот на струмичкиот театар Антон Панов го означи почетокот на 33. издание на Фестивалот на камерен театар ,,Ристо Шишков,, единствениот фестивал во државата посветен на актерот. Годинава, за престижната награда за високо актерско остварување се натпреваруваат околу 40 актери од 12 претстави, кои доаѓаат од земјава и странство.

Селекторот на фестивалот, Љупчо Георгиевски, вели дека селекцијата била тешка поради големата продукција на квалитетни и конкурентни претстави. Тој уверува дека публиката во текот на шесте фестивалски денови ќе има можност да види изведби достојни за името на великанот на македонската глума, Ристо Шишков.

Фестивалот завршува на 13 септември кога ќе биде доделена и единствената награда за високо актерско остварување Ристо Шишков. По традиција најдобриот актер добива златен медаљон со ликот на патронот на фестивалот  и парична награда во износ од 1500 евра.