Синдикат на судска полиција: Незадоволително ниво на безбедноста на судовите
Расипани скенери, детектори за метал, оружје од втората светска војна. Независниот синдикат на судската полиција смета дека со средствата кои ги поседуваат, делумно, нарушена е безбедноста на судовите. Откриваат дека многу често има обиди за внесување ладно и огнено оружје во судовите.
„Можам да кажам дека имаме судови низ Македонија каде што секојдневна е оваа појава. Честа е појавата, се пронаоѓа и огнено и ладно оружје“, изјави Владимир Литовски, Независен синдикат на судска полиција.
Судот во Струга, моментално заради дефект, немал ниту скенер ниту детектор за метал на влез во објектот. Од синдикатот велат дека во многу судови, полицајаците немаат ниту рачни детектори за метал.
„Моменталната безбедност на судиите и на судовите не можам да речам дека е на некое задоволително ниво и тоа се должи заради недоволна екипираност на судската полиција, опременоста на судската полиција е катастрофална. 80 насто од оружјето на судските полицајци во Македонија ако се стави на преглед, е неисправно оружје“, вели Литовски.
Во Албанија вчера на изрекување на пресуда беше убиен судија од апелацискиот суд во Тирана. Во него со три истрели од пиштол пукал тужен кој незаконски присвоил објект на старо училиште. Според првичните информации, оружјето било внесено поради пропуст на обезбедувањето.
Детекторот иако сигнализирал метал, не бил направен физички претрес кај лицето кое подоцна пукало во судијата.
Здружението на судии на Македонија изрази сочуство за трагичниот настан, ги повика институциите во земјава да работат на зачувување на достоинството и безбедноста на судиската професија.
Од синдикатот повикаа дека неопходно е да се зголеми бројот на полицијаци во судовите, моментално недоставувале повеќе од стотина. Бараат и современа опрема како електрични пиштоли, солзавец, но и нови униформи.
-
Зоран Јаневски
Сите содржини од овој новинар