Македонија
10. October 2025 - 16:42

Се зголемува бројот на граѓани кои бараат психијатриска помош по трагедијата во Кочани

Половина година после големата трагедија во Кочани почна да се зголемува бројот на граѓани кои бараат помош на Клиниката за Психијатрија. Од Установата информираат дека 50 –тина лица директно или индиректно засегнати од несреќата добиваат соодветен стручен третман. Меѓу нив има и повредени, блиски на настрадани, но и граѓани кај кои немилиот настан предизвикал анксиозно растројство и очекувано според психијатрите после вакви ситуации е симптомите да се јават подоцна.

- Она што е видливо се повредите од скршеници, изгореници, но тие кои за жал, не ги гледаме на самиот почеток, а оставаат долгорочни последици се психичките потешкотии односно нарушувањата на менталното здравје. Бевме веднаш присутни, а и сѐ уште сме, не само за повредените и блиските туку и за сите останати граѓани бидејќи тоа предизвика последици по менталното здравје кај секој граѓанин, изјави проф. д-р Славица Арсова, директор на Клиниката за психијатрија

Токму „Пристап до услуги за ментално здравје при итни и кризни состојби“ како неодамнешната во Кочани е годинешното мото и на светскиот ден на менталното здравје. Од Клиниката за психијатрија посочуваат дека најважна е пристапноста и достапноста како да си помогнеме во вакви ситуации.

- Семејството, локалната заедница и ние, професионалците треба да бидеме достапни бидејќи сослушувањето на луѓето кои се во криза е фактор кој може да придонесе за надминување на кризата, рече проф. д-р Антони Новотни, Клиника за психијатрија.

Бидејќи се повеќе млади се соочуваат со проблеми со менталното здравје од годинава дел од превентивните цели кај матичните се и прегледи за рано откривање депресија кај лица до 35 години.

- Кои ќе имаат задача да поминуваат еден дел од осигурениците и да детектираат евентуално такви состојби, изјави Сашо Клековски, директор на ФЗО.

И статистичките податоци покажуваат дека секој трет млад човек во земјава се соочува со анксиозност или депресија.