Реакции по извештајот на Вајц за напредокот на Македонија
Извештајот на Томас Вајц и годинава јасно го впери прстот кон уставните измени како клучен услов за отворање на поглавјата. Но, во дебатата во Европскиот парламент дел од европратениците отворено признаваат дека одговорноста за долгогодишното чекање на земјава во европската чекална не е само во Скопје, туку и во Брисел. Сепак, меѓу редовите се чита и оптимизам. Во Брисел постои расположение дека до крајот на годинава е можен конкретен исчекор. А дека зад сцената се водат интензивни разговори, навестуваат и пораките на бугарската претседателка и претседателот на Европскиот Совет, со сигнал дека до јуни би можело да се бара и можеби да се најде, нова формула за Македонија.
Дека Македонија треба да го искористи овој позитивен момент за зачленување во Европската Унија и да ги донесе уставните измени ако тие навистина се врзани за Копенхашките критериуми, надминување дискриминација и за гарантирање малцински права е согласна и претседателката Силјановска Давкова, но со гаранција дека нема да има нови барања.
Можната опција за членство во Унијата без право на глас, би го забрзала полноправното членство на Македонија, иако тоа значи дека новите членки нема да ги уживаат сите права, сепак се оневозможуваат натамошни условувања од земји членки. Но и тоа е засега само на ниво на идеја, вели професорот по евроинтеграции, Васко Наумовски.
За најавениот нов договор за стратешко партнерство со Хрватска, сличен на оние со Унгарија и Обединетото Кралство, Наумовски смета дека е важно склучување билатерални договори со земји членки на Унијата и преземање на нивните искуства, за приближување кон Брисел.
Ова е втор извештај на Вајц за земјава од 2022 година. И во овој Извештај не се споменуваат македонскиот јазик и идентитет.
-
Тамара Дичоска
Сите содржини од овој новинар
