Проширена истрагата за пожарот во Кочани, партиите и денеска со меѓусебни обвинувања
Компјутери, мобилни телефони и финансиска документација се одземни при вчерашните претреси во Кочани. Полицијата влезе во домот и останати фирми кои се во сопственост на газдата на дискотеката Пулс, но и во просториите на Државниот пазарен инспекторат во Кочани.
Во домот на Дејан Јованов пронајдени и одземени се лап топ компјутери, повеќе мобилни уреди, документација и други предмети. Одредени предмети се одземени и од возилото и од угостителските објекти, а пронајдена и одземена е и финансиска документација.Во ДПИ- Канцеларија Кочани пронајден и одземен е еден компјутер, еден лап топ компјутер и еден таблет, како и целокупната документација поврзана со правни субјекти во сопственост на Јованов, МВР.
На информативен разговор вчера во полициска станица во Скопје беа задржани и сопругата и ќерката на газдата на дискотеката, но истражните органи официјално не откриваат во какво својство, дали се дел од осомничените или дел од 300-те сведоци кои ќе бидат опфатени со истрагата.
Овој процес и денеска е во фокус на меѓупартиски обвинувања.Од СДСМ прашуваат дали УЈП требала да го затвори клубот уште во септември минатата година со оглед дека фирмата имала блокирана сметка дури 217 дена.
Дали е точно дека Управата за јавни приходи не постапила по своја законска обврска согласно член 117? Кој во УЈП бил надлежен да го поднесе барањето за стечај и зошто тоа не било направено? Дали некој ја стопирал постапката? И ако да – зошто? Со каква цел? Дали ова е уште еден случај на неажурност, или станува збор за заштита на нередовности и политички врски?СДСМ не изнесува заклучоци. Но СДСМ бара одговори, вели Мартин Костовски. Истрагата е театар на апсурдот и според ДУИ.
Министерот за внатрешни работи, Директорот за јавна безбедност, министерот за економија, Директорот на ДПИ и УЈП. Овие се луѓето кои денес имаат моќ да влијаат врз доказите и да вршат притисок врз сведоците. Но, ниеден од нив не одговара. Наместо тоа, гледаме извртување на правдата: во притвор се оние кои не се на функција, немаат институционално влијание, и не можат да го попречат процесот. Значи, ова не е правда. Ова е трансакција. Но оваа игра е опасна, велат од ДУИ. Од владејачјата партија возвраќаат дека истражните органи за прв пат работат професионално, а помеѓу приведените се фунскионери и од ВМРО-ДПМНЕ, и од СДСМ и од ДУИ.
Ова покажува дека органите на системот, како што се обвинителството и судството, иако лицата кои работат во нив се избрани од тефтерчињата на Заев и Ахмети, сепак знаат да работат професионално. Но вистинското прашање, е зошто на СДС сега им смета и го доведува во прашање нивното професионално работење? За ВМРО-ДПМНЕ ова не е тема за политичка битка, туку на оваа трагедија гледа како на историски момент за целосно ресетирање на системот, нешто што и е потребно на Македонија, велат од ВМРО ДПМНЕ.
-
Деспина Тодоровска
Сите содржини од овој новинар