Македонија
10. May 2025 - 8:13

Продолжува националната еко акција „Генералка викенд“

Продолжува еко акцијата „Генералка викенд“, која има за цел подигање на свеста за значењето на заштитата на животната средина. 

Во рамки на тридневната акција, која почна вчера, над 20.000 волонтери ќе чистат на повеќе од 500 локации во сите општини, вклучувајќи над 600 организации, институции и компании, еколошки, граѓански, спортски здруженија, пензионерски организации, јавни институции, локални и урбани заедници, градинки, училишта, факултети, волонтери и национални паркови.

Станува збор за единствен масовен еколошки настан, не само во земјава, туку и на целиот Западен Балкан, што го организира „Мен енд Маунтен“ во соработка со Пивара Скопје, Пакомак, Нула Отпад, Шпаркасе банка, ЕВН Македонија, Макстил, Бучим Боров Дол, Саубермахер и Костал. Акцијата е поддржана и од ЗЕЛС, Црвен крст и Министерство за животна средина.

Акцијата почна вчера со чистење на околината на Скопскиот аквадукт,  каде се вклучија претседателката Гордана Сиљановска Давкова, првиот вицепремиер и министер за животна средина Изет Меџити, министерката за образование и наука Весна Јаневска, претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, членови на амбасадите, градоначалниции, волонтери...

- Штитејќи ја природата се штитиме себеси, а генералка викенд треба да прерасне во генералка од 365 дена, порача од Скопскиот аквадукт претседателката Сиљановска Давкова.

Врз основа на меморандумот во траење од 10 години што Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство и Национални шуми го склучија со „Мен енд Маунтен“, секоја година по завршувањето на еко акцијата „Генералка викенд“ во ноември се случува вториот дел од акцијата наречен „Сончева гора“, што подразбира пошумување на државно земјиште.

На секои 10 килограми собран отпад од „Генералка викенд“ се посветува по едно дрво од годишните планови за пошумување. Во изминативе четири години беа собрани еден милион килограми отпад за време на „Генералка викенд“. Досега во еко акцијата учествуваа над 44.000 волонтери, исчистени беа повеќе од 1.000 локации и беа засадени над 120.000 дрвја на различни локации: околу езерото Младост во Велес, селото Ќојлија во општина Петровец, во близина на мегалитската опсерваторија Кокино и во општина Старо Нагоричане.