Продолжи судењето за таткото што претепа двајца малолетни фудбалери на ФК „Брегалница“ - Штип
Продолжи судењето за 43 годишниот скопјанец, кој физички се пресмета со двајца малолетни фудбалери на ФК „Брегалница“ на фудбалскиот натпревар на игралиштето Бело Брдо во Штип.
На претходната главна расправа одбраната на обвинетиот, инаку татко на еден од фудбалерите на противничкиот тим „Шкупи“, побара симултан превод на целиот судски процес, како и превод на обвинтелениот предлог, со образложение дека не го говори добро македонскиот јазик и во целост не го разбира обвинителниот акт.
За второто рочиште Основниот суд Штип обезбеди преведувач на албански јазик. Неколку сведоци дадоа исказ пред судот, а искази дадоа и двајцата оштетени фудбалери. Според обвинението, таткото се товари дека со дејствија ја загрозил сигурноста на две деца родени 2010-та година, нанесувајќи им телесни повреди.
Освен тоа, кај оштетените, останатата присутна публика и во јавноста предизвикал чувство на несигурност, загрозување и страв.
Инцидентот се случи во 89 минута од натпреварот, кога судијата поради прекршок доделил втор жолт картон со што го исклучил од игра синот на осомничениот кој играл за ФК „Шкупи".
Незадоволен од одлуката најпрвин синот се однесувал неспортски и со тупаници и клоци се обидел да се пресмета со еден од фудбалерите на ФК „Брегалница". Тогаш на терен влегол таткото. И тој со тупаници и клоци почнал да ги удира двете деца, нанесувајќи им телесни повреди - повеќе набиеници и скршеници на нос без дислокација.
На игралиштето влегле и други лица од публиката, кои спречиле натамошна ескалација на настанот.
Ново рочиште е закажано за 2 и 3 октомври кога треба да се сослушат останатите сведоци, а потоа ќе треба да се произнесе судот.
-
Трајан Ристовски
Сите содржини од овој новинар