Македонија
16. March 2026 - 11:41

Преживеан од трагедијата во „Пулс“: „10 дена кома и месец борба, животот е кревок, секој ден е подарок“

Иван Стојменов, еден од над 200-те повредени во трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани, по една година од кобната ноќ се огласи на социјалните мрежи. Тој се наврати на тешката борба за живот по пожарот, периодот што го поминал во кома и лекувањето, нагласувајќи дека денес е благодарен за втората шанса за живот, но дека жртвите од трагедијата никогаш нема да ги заборави.

„Помина една година од ноќта што засекогаш ми го промени животот.

Ноќта кога во дискотеката „Пулс" избувна пожар и се за неколку секунди се претвори во хаос, чад и страв. Нокта кога животот и смртта беа толку блиску.

Со изгореници по рацете, лицето и дишните патишта, завршив во болница во Словенија. 10 дена кома и скоро 1 месец борба... борба за здив, за сила, за живот. Докторите велеа дека е критично.

Но Господ имаше други планови.

Денес сум тука. Со лузни што засекогаш ке ме потсетуваат на таа нок. Лузни што не се само на кожата, туку и во душата.

Таа ноќ никогаш нема да се заборави. Никогаш нема да ги заборавиме луѓето што не успеаа да излезат. Нивните животи и нивните приказни засекогаш ќе останат во нашите срца.

Оваа година ме научи нешто што многумина го забораваат - животот е кревок. Секој ден е подарок. Секој здив е благослов.

Денес сум благодарен на бога што сум жив. Благодарен на докторите, на моето семејство и на сите луѓе што беа покрај мене кога беше најтешко.

Животот ми даде втора шанса.

И ветувам дека ќе ja живеам така како што заслужува.

Никогаш да не се повтори!!!!! Вечна им слава на починатите “