Loading Video...
Свет
13. October 2025 - 16:37

Прегратки, солзи и овации - Израел и Хамас почнаа со размена на заложници

Прегратки солзи и овации. Вака денеска изгледаат Израел и Газа откако почнаа со ослободување на затвореници како дел од договорот за прекин на огнот.

Хамас утрово ги ослободи и последните 20 живи израелски заложници, додека во текот на денот се очекува предавање на телата и на останатите 28 починати заложници.

За возврат Израел треба да ослободи речиси 250 притворени Палестинци и 1700 лица од затворите, меѓу кои има и 20тина деца.

Речиси истовремено во Израел пристигна американскиот претседател со порака – Војната е завршена.

„Господине претседателе, дали прекинот на огнот ќе се одржи? Дали сте уверени дека прекинот на огнот ќе се одржи?“

Трамп: „Мислам да. Мислам дека ќе се одржи. Мислам дека луѓето се, многу причини зошто ќе се одржи. Мислам дека луѓето се уморни од тоа. Поминаа векови, во ред. Не само неодамна. Поминаа векови. Мислам дека луѓето се уморни од тоа“.

На пистата на аеродромот во Тел Авив, Трамп беше пречекан од Херцог и  Нетанјаху, а со стоечки овации беше пречекан и во израелскиот парламент. 

Пред израелските пратеници Трамп порача дека почнува златната ера за Израел, но неговиот говор беше накратко прекинат откако двајца левичарски пратеници почнаа да го навредуваат, но по брзата реакција на обезбедувањето беа отстранети од салата.

„Доналд Трамп е најголемиот пријател што државата Израел некогаш го имала во Белата куќа. Ја поднесов вашата номинација да бидете првиот неизраелски добитник на наградата Израел, највисоката награда на Израел. Што се однесува до таа друга награда… само прашање на време. Ќе ја добиете. Но, сакам да ја добиете наградата Израел, нашата највисока награда.“ рече Нетанјаху

Договорот за крај на војната во Газа вечерва ќе се финализира во Египет, местото каде минатата недела беше и постигнат со посредство на САД. Мировниот самит ќе го предводат Трамп и египетскиот лидер Ал-Сиси, а ќе учествуваат лидери од преку 20 земји, вклучувајќи ги и претставници од ОН, Европскиот совет и повеќе европски лидери.