Преглед на вестите од светот
Најмалку 13 Палестинци се убиени во сомнителен израелски напад во градот Газа, во близина на болницата Ал-Шифа, пренесоа медицински извори, јавува ДПА. Очевидци, исто така, пријавиле и израелски напад со беспилотно летало во близина на болницата, во кој загинаа жени и деца. Портпаролката на израелската армија изјави дека извештаите се истражуваат.
Палестинската новинска агенција WAFA претходно објави дека биле убиени најмалку 45 лица во одделни напади низ Појасот Газа, вклучувајќи 32 во градот Газа. Агенцијата наведе дека меѓу жртвите има и бремена жена.
Израел вчераутро започна копнена офанзива во градот Газа. Според израелската Влада, цел на копнената офанзива е да се расформира исламистичката организација Хамас и да се обезбеди ослободување на преостанатите израелски заложници, потсетува германската агенција.
Американскиот претседател Доналд Трамп во среда го пофали посебниот однос меѓу неговата земја и Велика Британија, оддавајќи му почит на кралот Чарлс за време на неговата втора историска државна посета, нарекувајќи ја една од највисоките почести во неговиот живот.
Кралот Чарлс и кралското семејство организираа раскошен банкет за Трамп и неговата сопруга Меланија во замокот Виндзор, семеен дом на британските монарси речиси 1.000 години.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека ракети за западните системи за воздушна одбрана ќе бидат дел од првичните испораки на американско оружје што ќе го платат земјите од НАТО во рамките на механизмот Приоритетна листа на барања за Украина.
Ова е иницијатива преку која земјите што сакаат ќе можат да купат одбранбено оружје од САД во согласност со тоа што најмногу ѝ е потребно на украинската војска, а потоа да ѝ го обезбедат. Кон оваа иницијатива веќе се приклучија 11 земји. Според последните информации, за новата иницијатива веќе се собрани шест милијарди долари, а Зеленски изјави дека Украина вложува напори да го зголеми финансирањето на механизмот.
-
Марјан Ников
Сите содржини од овој новинар