Loading Video...
Свет
20. December 2024 - 12:25

Преглед на вестите од светот

Во руски ракетен напад загина едно лице и оштетени згради во Киев, соопштија локалните власти, откако во утринските часови се слушнаа експлозии во главниот град на Украина. Градоначалникот Виталиј Кличко изјави дека во нападот се повредени најмалку седум лица, од кои четворица се пренесени во болница.

Нападот предизвика пожари во неколку згради и оштети повеќе деловни згради, изјави шефот на воената администрација на Киев, Серхи Попко. Руските сили користеле осум ракети, вклучувајќи хиперсонични ракети Кинжал и балистички ракети Искандер/КН-23 за да го извршат нападот.

Традиционалната годишна конференција на која рускиот претседател Владимир Путин одговара на прашања од граѓаните заврши по 4 часа и 27 минути. Граѓаните и новинарите му поставуваа прашања на Путин од различни области, најмногу за војната во Украина и економијата, но и за односите со другите земји, Сирија и социјалните прашања.

Путин одговори на повеќе од 50 прашања, а Русите испратија повеќе од два милиони прашања.

Годинава, сепак, не беше соборен рекордот на траење на годишната конференција од 4 часа и 48 минути, што Путин го постигна во 2013 година. Путин притоа потенцираше бво однос на војната со Украина: не ни треба прекин на огнот, туку постојан мир со гаранции за Русија.

Обвинение за терористички акт со смртни последици е поднесено против мажот осомничен за убиството на рускиот генерал Игор Кирилов. Басманскиот окружен суд во Москва на затворена седница одреди притвор за државјанинот на Узбекистан, Ахмад Курбанов, до 17 февруари 2025 година, јави ТАСС.

Според Руската Федерална служба за безбедност напаѓачот поставил експлозивна направа што ги убила двајцата, а акцијата била нарачана од украинските специјални служби. Москва тврди дека на осомничениот му била ветена награда од 100.000 долари и азил во земја од Европската Унија.

Претседателот на САД Џо Бајден потврди дека ќе присуствува на инаугурацијата на Доналд Трамп следниот месец и ги осуди, како што ги нарече, „детските игри“ на републиканците.

- Секако дека ќе бидам таму, одговори Бајден на прашањето дали ќе присуствува на церемонијата на 20 јануари.

Тој потсети дека Трамп не присуствуваше на неговата инаугурација во 2021 година, станувајќи првиот американски претседател во последните 150 години што го прекрши овој обичај.