Loading Video...
Свет
20. February 2026 - 12:12

Преглед на вестите од светот

Првиот состанок на Одборот за мир на американскиот претседател Доналд Трамп се одржа во Вашингтон, со фокус на Појасот Газа и пакетот помош од повеќе милијарди долари за територијата.

Трамп рече дека неколку ветија 7 милијарди долари за хуманитарен пакет и пакет за реконструкција за Газа. Покрај тоа, Канцеларијата на Обединетите нации за координација на хуманитарни прашања собира дополнителни 2 милијарди долари за поддршка на палестинската територија опустошена од војната, рече Трамп. ФИФА, исто така, ќе помогне во собирањето 75 милиони долари за проекти поврзани со фудбалот во Газа. Самите САД ќе обезбедат 10 милијарди долари за Одборот за мир, додаде Трамп. Тој не даде детали за тоа како ќе се користат парите дадени на одборот што го создаде, пренесе ДПА. Некои од државите се подготвени да испратат војници во Газа, рече Трамп. 

Одборот за мир има задача да воспостави таканаречени Меѓународни сили за стабилизација, кои би одржувале ред во Газа, би го следеле прекинот на огнот меѓу Израел и исламистичката група Хамас и би помогнале во обезбедувањето траен мир.

Многу европски земји, како Франција и Германија, одбиваат да учествуваат во одборот, кој моментално има околу дваесетина членови, вклучувајќи ги Унгарија, Израел, Белорусија, Катар, Саудиска Арабија и Турција.

Трамп изјави дека во наредните 10 дена ќе се знае дали ќе биде постигнат договор меѓу САД и Иран, јави „Тајмс оф Израел“. Тој се осврна на американските напади врз иранските нуклеарни постројки минатиот јуни, за време на 12-дневната војна меѓу Иран и Израел, во која САД му пружија воздушна поддршка на Израел.

Трамп наведе дека Иран не смее да има нуклеарно оружје, бидејќи тоа би го оневозможило мирот на Блискиот Исток, и дека Иран не може „да продолжи да ја загрозува стабилноста на целиот регион“. Тој додаде дека Иран „мора“ да склучи договор и оти ќе се случат „лоши работи“ доколку не дојде до договор.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, планира да го посети Гренланд во наредните недели, откако спорот со американскиот претседател Доналд Трамп околу арктичкиот остров предизвика страв од конфликт во рамките на НАТО.

Шефицата на Комисијата планира патување во арктичкиот регион, вклучувајќи го и Гренланд, во март. Спорот околу Гренланд ескалираше во јануари кога Трамп постојано се закануваше дека ќе ја анектира територијата која е под администрација на Данска, тврдејќи дека само САД можат да ја заштитат од наводните руски и кинески закани во регионот. Трамп ги повлече заканите за употреба на воена сила за преземање контрола врз островот, а НАТО го зголеми своето воено присуство на Арктикот, додека Данска, САД и Гренланд водат разговори за иднината на островот