Преглед на вестите од светот
Специјалниот претставник на САД, Стив Виткоф, ќе се сретне со рускиот претседател Владимир Путин во Москва, а истовремено, американскиот воен секретар, Ден Дрискол, ќе се сретне со украински претставници за да го финализира мировниот план за Украина, објави денеска американскиот претседател Доналд Трамп. Тој истакна дека мировниот план за Украина е флексибилен. Прашан за загриженоста дека Украина може да биде притисната да направи прекумерни територијални отстапки, Трамп рече дека земјата за која станува збор „веројатно ќе биде заземена од Русија и онака“ во наредните месеци. Тој додаде дека и Москва ќе направи отстапки, вклучително и прекин на борбите и воздржување од заземање „повеќе земја“, но не прецизираше какви отстапки.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски објави дека неговата земја е подготвена да продолжи со рамката на мировниот договор во соработка со САД и Европа, пренесоа британските медиуми. Зеленски истакна дека е подготвен да разговара за чувствителните точки од мировниот договор со Доналд Трамп, но нагласи дека и европските лидери мора да учествуваат на тој состанок. Како заклучок, тој рече дека сојузниците на Киев треба да продолжат да ја поддржуваат Украина сè додека Русија не покаже подготвеност да ја прекине својата инвазија.
Турскиот претседателот Таип Ердоган рече дека директни разговори може да се одржат во Истанбул и дека Турција е во контакт со Русија и Украина за ова прашање. Турскиот лидер ги увери учесниците од 35-те земји дека Анкара ќе продолжи со дипломатските напори за олеснување на патот кон директни разговори што би можеле да доведат до траен и праведен мир што е можно поскоро.
По руските напади во текот на ноќта врз Запораожје многу работа имаат спасувачките екипи и пожарникарите. Оштетени се станбени блокови и автомобили, а 12 лица побарале медицинска помош во болница. Службите за итни случаи, соопштија дека пожарите се ставени под контрола и дека операциите за спасување продолжуваат.
-

Марјан Ников
Сите содржини од овој новинар
