Македонија
10. August 2025 - 16:47

Пожарите во Малешевијата ги десеткуваа пасиштата

Пожарите кои неколку дена беснеа во Малешевијата ги пеплосаа ливадите и пасиштата. Трева за напасување на крупниот и ситниот добиток речиси да нема, што дополнително ја отежнува состојбата на сточарите. 

- Пожари на секој рид, на секој ќош. Ние нашите овци секое сабајле ги искаруваме по еден два часа чисто да се прошетаат, да се издишат, трева никаде не можат да најдат, тоа е се суво и сме принудени да ги храниме во шталата на јасли. Ова што сме го произвеле како храна за нашите овци, бидејќи сме органски производители, летово е произведена и летово ќе ја потрошиме и за зимото треба да бараме друга храна. Одиме на нивите, ги наводнуваме каде има вода, за да може нешто да собереме и за зимото, изјави Вангелија Пармачка, одгледувачка на овци од с. Будинарци, Беровско

Семејството Пармачки речиси 3 децении се занимава со овчарство. Денеска имаат околу 700 грла овци. Се занимаваат и со производство на сирење и други млечни производи, за што е потребно работна рака, која во моментот ја нема, иако платата надминува 1000 евра.

- Во годините наназад, пред 15 години, имаше работна рака, имаше народ, си помагавме едни на други и доаѓаа работници и бараа да работат кај нас. Тогаш имавме помалку грла на овци, ама сепак имавме работници. Сега работници навистина ни требаат, а никаде ги нема, додаде Пармачка

Помошта од државата во вид на субвенции не е доволна, па затоа и се помалку млади луѓе се одлучуваат да работат земјоделие и сточарство, а сточниот фонд од година во година е во слободен пад.