Македонија
16. јуни 2026 - 12:34

Поштата во Струмица доби шест нови возила

После 15 години, обновен возниот парк на поштата во Струмица. Подружницата  доби шест нови комерцијални возила, со кои треба  значително да се модернизира и забрза поштенскиот сообраќај во регионот. Оваа обнова е дел од владината стратегија за замена на застарениот возен парк  преку која етапно се распределуваат вкупно 100 возила низ целата држава.

Од раководството најавуваат дека ова е само почеток на инвестициски циклус кој ќе опфати реновирање на објектите, кадровско освежување и борба со нелојалната конкуренција.

Новите пикап возила се со носивост до 750 килограми, имаат навигација и климатизација, а како клучна новина е воведен 24-часовен видео надзор во товарниот дел за максимална заштита на пратките.

Досега струмичката подружница, каде работат 96 лица пазарот го опслужуваше со само три дотраени возила со поминати над половина милион километри.

Од добиените шест возила, четири ќе останат во централната пошта во Струмица, додека по едно возило ќе биде распределено во работните единици во Радовиш и Валандово.