Почнува 53. МТФ „Војдан Чернодрински“
Со претставата „Ничија земја“ на Македонскиот народен театар и со доделување на наградите за животно дело, вечер во Домот на културата „Марко Цепенков“ во Прилеп ќе биде отворен 53. Македонски театарски фестивал „Војдан Чернодрински“.
До 15 јуни на сцените на Домот на културата и во Народниот театар „Војдан Чернодрински“, публиката ќе има можност да проследи 12 претстави на македонските театарски куќи во официјалната, натпреварувачка програма, и уште пет претстави во придружната програма, како и две трибини на актуелни теми.
Добитници на наградите за животно дело годинава се актерот Петар Арсовски и композиторот Љупчо Константинов и ќе им бидат врачени вечер од 20 часот на свеченото отворање на фестивалот.
Во официјалната конкуренција за награди се претставите: „Ничија земја“ од Данис Тановиќ во режија на Александар Морфов на Македонскиот народен театар; „Доктор Фауст“ од Кристофер Марлоу во режија на Андраш Урбан на Народниот театар Битола; „Клетници“ од Виктор Иго во режија на Мартин Кочовски на Прилепскиот театар; „Еднаш свет изградив“ според „Сидарта“ од Херман Хесе во режија на Јане Спасиќ на Театарот за деца и младинци; „Царот Владислав“ од Борис Јанков во режија на Бранко Ставрев на Струмичкиот театар; „Крал Лир“ од Шекспир во режија на Диего де Бреа на Турски театар-Скопје; „Бог на масакрот“ од Јасмина Реза во режија на Нела Витошевиќ на Штипскиот театар; „Дони Дарк“ од Леонид Герш во режија на Роберт Ристов на Театар Комедија; „Жените“ од Роберт Томас во режија на Ќендрим Ријани на Албански театар-Скопје, „Тоалет за дами“ од Родолфо Сантана во режија на Дејан Дамјановски на Велешкиот театар; „Лет над кукавичјото гнездо“ од Дејл Васерман и Кен Киси во режија на Ристо Алексовски на Драмски театар-Скопје и „Ужегнатост“ од Иван Вискочил во режија на Владимир Милчин на Независната театарска група „Артопија“ од Скопје.
За наградите ќе одлучува фестивалското жири во состав: Мими Таневска, професор и актер; Драган Спасов-Дац актер и Јасна Новаков, театролог од Белград.
Наградите за најдобрите остварувања и статуетката на Војдан Чернодрински за најдобра претстава во целина ќе бидат доделени на 15 јуни на затворањето на 53. МТФ „Војдан Чернодрински“, а во чест на наградените Театар Комедија ќе ја изведе претставата „Не сега, драга“.
Во рамки на фестивалот ќе има и две трибини - „Театарската критика денес“ и „Местото и улогата на драматургот во театрите во Македонија“.
Ново на Сител
-
Левица: Црква изградена во 1874 година настрада од минирањата на „Бехтел и Енка“
-
Потврден 30-дневниот притвор за врховнот судија Георгиев
-
110 пушки од Првата светска војна пронајдени при ископ во Старата касарна во Битола
-
Во Белград ќе продолжи судењето за масовно убиство во Дубона и Мало Орашје
-
Владина делегација оддаде почит пред споменикот на св. Кирил и Методиј во Скопје
-
Четири лица загинаа во пожар во Токио
-
Радев: Желбата на Република Северна Македонија за дијалог е позитивен знак
-
На 28 мај закажана конститутивната седница на Собранието