Македонија
13. January 2025 - 16:45

По интерпелацијата Даути си се смета за разрешена, но се уште нема оставка

Илире Даути од Алијансата на Села, на која Собранието во петокот и изгласа интерпелација, се смета себе си за разрешена од претседателка на Комисијата социјална политика. Сепак, нема дообјаснување дали Даути сама ќе поднесе оставка поради утврдената политичка одговорност за блокирање на Законот за бранители, или пак, ќе остави процедурата до крај да ја спроведе собранискиот спикер Гаши или Комисијата за избори и именувања.

“Изгласаната интерпелација во Собрание, така како што е изгласан заклучокот, значи мое разрешување или мое дејствување под диктат на Левица и ВМРО. Соочена со изборот помеѓу губење на функцијата претседател на комисијата и дејствување под диктат, според условите поставени од Левица и предложени како Заклучок од Африм Гаши, не се сомневам дека ќе ја прифатам слободата на дејствување како пратеничка, како што сум направила до сега, слободно и независно“, пишува Даути во својата изјава.

Нејзиниот лидер Села, по интерпелаицјата пак, изјави дека тие не се откажуваат од тоа Даути да ја води Комицијата за социјална политика.

Доколу Даути не поднесе оставка, тогаш останува да се спроведе нејзино разрешување.

Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ, во чии раце е и Комисијата за избори именување велат дека тие се за разрешување на Даути и чекаат предлог од собранискиот спикер за да ја спроведат процедурата до крај.

Доколку тоа не го стори Гаши, спремен предлог за разрешување имаат и од Левица, кои го дадоа предлогот за интерпелација на Даути.

Но, засега од Гаши нема одговор дали тој како собраниски спикер ќе побара да заседава Комисијата за избори и именувања бидејќи покрај самата интерпелација, пратениците во петокот изгласаа и заклучок дека наводите против Даути се основани. Од кабиентот на Гаши се држат само до тоа дека самата интерпелација не значи разрешување на функционерот, а дека постојат други процедури за именување и разрешување.

Ако Даути не поднесе оставка, а остане на ставот дека нема да претседава со Комисијата, а истовремено не биде ни разрешена тогаш постои опасност Комсијата за социјална политика да биде целосно блокирана. Тогаш повторно ќе остане на Гаши да именува претседавач за комисиските седници.

Собранието во петокот, со 61 глас „за“ обезбедни преку гласовите на Левица, ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ и изгласа интерпелација на Даути. Албанскиот блок беше против, додека пак, пратеницте на СДСМ, иако нивен е законот за бранители, излегоа од салата.