Македонија
21. August 2024 - 16:38

План за „спас“ на Скопје: Какви решенија ќе понуди Арсовска?

Се крои планот за „спас“ на Скопје. Утре во 11 часот на координација со советничките групи Арсовска треба да презентира решенија за проблемите во главниот град. Ќе се разговара на повеќе теми, вели за Сител советникот од ВМРО-ДПМНЕ, Мартин Стојановски. Како една од точките е детален извештај за Комунална хигиена. Откако Арсовска обвини дека советниците не одобруваат ангажирање на 120 сезонски работници, преку програмата за јавна чистота, и затоа градот тонел во ѓубре, Стојановски објаснува дека тие луѓе не се за празнење на контејнерите, туку само собирање на сметот по улиците.

Треба да се побара извештај за работењето и утврдување колку вработени има во Комунална Хигиена. Имаме информации дека таму има огромна превработеност. Во текот на утрешниот ден треба градоначалничката Арсовска да достави до нас извештај колку вработени има и на колку места се распоредени. Тоа треба да го достави и до Владата на Република Македонија. Тие сезонски работници се за улиците да ги чистат, оној отпад што го има на самите булевари и на самите улици. А не да ги празнат контејнерите. Да не доаѓа до забуна на јавноста, за чистење на контејнерите и за возење на камионите и за Градот да биде чист, таму си има вработено луѓе“ – Мартин Стојановски, ВМРО-ДПМНЕ

Освен за Комунална Хигиена, на утрешната средба ќе се дискутира и за јавниот превоз. Недостигот на автобуси е голем и треба да се најде итно решение оти учебната година започнува за десетина дена и ќе има проблем при превозот на патници. Вчера Арсовска рече дека Владата има долг од 8 милиони евра за бесплатен превоз на студентите кој не се исплаќа неколку години и затоа нема доволно автобуси, а ВМРО-ДПМНЕ не гласа да се набават нови.

На последната седница ја прашавме градоначалничката колку пари има спремно во касата на градот за автобусите за да можеме ние како советници да изгласаме нешто што би требало да е законски. Таа излезе на говорница и кажа дека има еден денар. По таа нејзина изјава вие може да разберете дали нејзината намера за набавка на автобуси е искрена или не е. Советот не може да е крив за неефективноста на Градот и за службите кои работат во претпријатијата. Таму има директори, заменици, шефови, раководители кои земаат плата и треба да ги оправдаат своите плати. На ЈСП не му треба одлука на совет за да набави делови, за да ги сервисира автобусите“ – Мартин Стојановски, ВМРО-ДПМНЕ

Гордан Шутаров од советничката група на СДСМ, пак, вели наместо да земат да работат, оние кои го уништија Скопје меѓусебно се препукуваат врз грбот на скопјани кој бил крив.

Заглавени се бројни значајни проекти, Скопје уназадува. Негласањето за НИШТО и Блокадите на советниците на ДПМНЕ, и меѓусебните опструкции прават огромна штета на граѓаните на Скопје. Упатуваме искрен и добронамерен апел, ДПМНЕ и Асровска да ги прекинат препукувањата и да земат да работат, колку-толку, за конечно нешто во Скопје да се направи. Наместо дневно препукување да кажат кои капитални проекти ќе ги поддржат, кои програми ќе се изгласаат и во овој краток период кој им преостанува до локалните избори барем малку ја поправат состојбата во Скопје“ – Гордан Шутаров, СДСМ

Утрешниот состанок на Арсовска со советничките групи следи откако во понеделникот градоначалничката се сретна со Мицкоски. На таа средба, министерот за локална самоуправа Перински рече дека Арсовска не понудила ништо, а денеска тоа го потврди и премиерот.

Ама немаше план. За да прифатите нешто, вие треба да имате план. Јас ја повикав бидејќи бараше средба, за да го слушнам планот. План не слушнав. Дадовме неколку идеи што да направи. Да го видиме прво планот на градоначалничката и потоа, се разбира, ќе сториме се за да го заштитиме интересот на скопјани“ – Христијан Мицкоски, премиер

Градоначалничката на прес конференција неколкупати кажа дека предложила конкретен план, но не кажа какви решенија понудила.