Пелагонија без испитен центар
Останува отворено прашањето до кога целиот Пелагониски регион ќе остане без сообраќаен испитен центар за полагање возачки дозволи, а граѓаните скратени од ова право, откако фирмата „Супер возач“, чиј сопственик е член на советот од Општина Кичево, од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Филип Митрески, доби забрана за работа од 30 дена, додека не ги исполни сите потребни услови.
И покрај нашите обиди телефонски да контактираме со Митрески за да се појасни целата ситуција не успеавме да го добиеме. На сајтот од компанијата стои само кратко известување дека Испитниот центар нема да закажува и спроведува испити од 12.08.2025 година најдоцна до 13.09.2025 година.
Министерот за МВР, Панче Тошковски, истакна дека во моментот кога фирмата „Супер возач“ пред неколку месеци аплицирала за да го добие тендерот и лиценцата за организирање на возачки испити во Битола, Прилеп, Ресен, Демир Хисар, Крушево и М. Брод, таа била единствена фирма која што тогаш ги исполнувала сите услови за оваа дејност, а зошто сега и се одземени привремено ингеренциите требало да одговори опозицијата чија блиска фирма од Ресен која го поседувала полигонот за полагање на возачки испити од овој град била дел од овој договор. Но што точно се случило со ресенската фирма, повторно останува нејасно.
„Она кое што е утврдено во рамки на законот, а тоа е да има минимум 1 испитен центар и во Ресен, е поврзано и тоа како со опозицијата. Имаше во јавност доста разработка на оваа тема, поврзано е со одредена фамилија која е сопственик на тој полигон во Ресен, а за да се добие испистниот центар мора да има и полигон во Ресен. Така да практично фамилијата многу блиска до СДСМ одлучила кој да го добие испитниот центар. Но тоа не влијаеше врз одлуката на МВР да постапи според законот, ние и тогаш и сега постапивме согласно закон. Така да знам дека ги изненадува таквиот начин на работење на МВР, знам дека не е во согласнот со нивните стандарди и очекувања, но тоа е што е, ние постапуваме согласно законот“, вели Панче Тошковски, министер за внатрешни работи.
Од опозициската СДСМ пак побараа од ДКСК да отвори предмет за тендерот, а од Обвинителството да покрене истрага, затоа што тендерот го добил висок функционер на владејачката партија и на такво начин се испумпувале парите од граѓаните.
Инаку претходно целиот овој регион од лани од декември до годинава до јуни беше оставен без испитен центар и граѓаните беа скратени од правото да полагаат за возачки дозволи. Сега повторно оние кои во овој период ќе им истече рокот на лекарското уверение или полагањето на тестовите ќе бидат ставени во незавидна ситуација.
-
Дарко Штарговски
Сите содржини од овој новинар