Македонија
5. October 2025 - 16:28

Пчеларите бараат поедноставени процедури за пристап до финансиска поддршка

Програмите постојат, средства има, но процедурите се сложени, а реалната поддршка на терен  минимална. Освен со климатските промени, пчеларите се почесто се борат и со бирократските пречки, токму оние што треба да им помогнат во унапредувањето на производството и пристапот до расположливите средства.

Иако пчеларството и натаму буди интерес кај земјоделците, пристапот до финансиската поддршка останува една од најголемите пречки. Тоа, според пчеларите, е и една од главните причини зошто младите речиси и да немаат интерес за оваа дејност.

Покрај административните бариери, проблем претставува и неприлагоденоста на критериумите. Ѓорги Делев, кој неколку години се занимава со пчеларство, посочува дека програмите за млади пчелари често ги исклучуваат токму оние што најмногу имаат потреба од поддршка. Дополнително, според него, пристапот до европските ИПАРД фондови е речиси невозможен за индивидуалните производители. 

Веќе неколку години по ред, како резултат на климатските промени , пред се високите температури,  производството на мед бележи намалување. Годинава, според пчеларите, приносот е намален за околу 10 отсто. Просечниот принос по кошница се движи меѓу 8 и 8,5 килограми , што е на самата граница на рентабилност.