Партиски препукувања за темата со мигрантите
Прашањето за мигрантите е државно и за него мора да одлучува Собранието, а не општини или советници на ВМРО-ДПМНЕ, велат од опозициската СДСМ. Од партијата прашуваат зошто премиерот Мицкоски, одбива да одговори дали ќе ја потпише Резолуцијата со која, како што велат, ќе се спречи влез на мигранти за пари во Македонија.
„Премиерот Христијан Мицкоски со денови одбива да даде едноставен одговор дали ќе ја потпише Резолуцијата со која граѓаните ќе бидат сигурни дека мигранти за пари во Македонија нема да има. Наместо одговор, гледаме изговори, одолговлекување и обиди темата да се префрли на локално ниво. Зошто Мицкоски бега од Собранието? Ако не знае – Собранието е највисокиот орган на државата, составен од пратеници директно избрани од народот. Затоа Резолуцијата е народен договор. Со една одлука, на целата територија на Македонија, прашањето може да биде затворено. Но ВМРО-ДПМНЕ одбива“, изјави Богданка Кузевска, Портпарол на СДСМ.
Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ и денеска демантираат дека населување на мигранти е дел од договорот со Британија. Велат според документите за изградба на мигрантски камп во Бардовци, усвоени од претходната влада, јасно било кој сакал да доведе мигранти во Македонија.
„Хистеријата, паниката и лажните вести кои ги создава СДС, се рушат како кула од карти. За среќа на граѓаните, ВМРО-ДПМНЕ и тогаш и сега и секогаш ќе води антиемигрантска политика. Еве веќе 2 дена молк од Филипче и СДС за непостоечката тема мигранти. Откако ги посочивме нивните вистински намери за доведување на мигранти во Македонија, тие бегаат и од новинари и се кријат во Бихачка..Наместо да играат криенка, да одговорат колку мигранти биле спремни да примат во Македонија? Дали толку многу се гласни на оваа непостоечка тема, само затоа што во 2018 година биле спремни да доведат илјадници мигранти во Скопје?“, изјави Бране Петрушевски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
Опозициската СДСМ го прозва и владиниот партнер ЗНАМ. Очекуваат став од партијата, а бараат и прозинесување за понудената Резолуција.
Од ЗНАМ пак велат дека и тие како и владата се на ставот дека не постои договор за прифаќање на мигранти. Прозивките од СДСМ ги сметаат како обид за политички спас на функционери во партијата соочени со кривичен прогон..
„СДСМ во тотална немоќ, обезглавена без раководство, само со еден функционер во смисла на Султан партија, раководена од центарот во Струмица и менторот Зоран Заев, бара начини и теми како да биде минимум присутна во јавноста со надеж да го задржи и она малку членство и поддржувачи што остана од неа“ - велат од ЗНАМ.
Премиерот Мицкоски, вчера најави дека советите на општините, наредната недела ќе усвојат документ со кој ќе се обврзат дека нема да примаат мигранти на својата територија и дека таму нема да се градат мигрантски кампови.
-

Зоран Јаневски
Сите содржини од овој новинар
