Македонија
3. July 2025 - 16:46

Партиите ги засилуваат теренските активности пред локалните избори

Иако поголемиот дел од кандидатите не се познати, најголемите политички партии веќе излегоа на улица. СДСМ вечерва најавува трибина пред Македониумот во Крушево, ВМРО-ДПМНЕ на плоштадот во Струмица. Токму во овој град СДСМ реши да не го предложи актуелниот градоначалник Костадин Костадинов за нов мандат. 

Одлуката на Филипче го револтираше Костадинов кој го замрзна членството во СДСМ. Не ја исклучи можноста во изборната трка да влезе како независен кандидат.

„Мојата стратешко политичка одлука за делување во СДСМ или можеби надвор од СДСМ ќе биде јавно кажана во два дела. Првата ќе биде септември, конечната по завршување на овие локални избори. До тогаш посакувам среќа да се победи во барем една општина“ – порача Костадинов на социјалните мрежи силно критикувајќи го актуелното раководство на својата партија.

Од поголемите општини СДСМ најави дека во Куманово ќе оди со Мартин Костовски. Таму речи си сигурен кандидат на власта е Максим Димитриевски а договорот се очекува да се официјализира по утрешната средба на ЗНАМ и ВМРО-ДПМНЕ 

Во албанскиот политички блок официјално не е потврдено ништо. Неофицијално, актуелниот градоначалник на Кичево Фатмир Дехари за нов мандат ќе се бори против министерот за социјала Фатмир Лимани. Касами и Ганиу се очекува да одат на нов мандат во Тетово и Чаир а во Гостивар Таравари сам го предложи актуелниот ВД Ваљбон Лимани. 

Локалните избори се очекуваат во втората половина од октомври.