Пациентите задоволни од медицинскиот кадар, но бараат подобри услови во штипската физикална терапија „Кежовица“
Зградата на Одделението за физикална медицина и рехабилитација при Клиничка болница - Штип се наоѓа веднаш до градската бања „Кежовица“ и е во близина на штипската историска населба Ново Село, веднаш по кањонот што го формира реката Брегалница при излегување од градот кон Радовиш и Струмица. Температурата на водата е 74 степени Целзиусови на изворот и е малку радиоактивна, што се користи за медицински цели. По лековитост е слична со најпознатата бања во Европа „Карлови Вари“.
Според лекарите и пациентите овде лек се наоѓа за многу болести, како ишијас, спондилоза, скршеници на долни и горни екстремитети и стерилитет.
Началникот на Одделението за физикална медицина и рехабилитација при Клиничка болница-Штип, Никола Костадинов вели дека во објектот, кој е изграден пред повеќе од половина век, лани поминале 4.500 пациенти, од кои најмалку имаат по три до пет апликации или тоа се околу 200.000 процедури на годишно ниво, што е своевиден рекорд во однос на рехабилитацијата.
Пациентите кои ги затекнавме пред зградата велат дека се задоволни од лековитостата на водата. Пофални зборови имаат и за здравствените работници, но според нив мора да се подобрат условите во овој објект.
Седудмедест годишниот Владо Дончевски и неговата сопруга, 66 - годишната Стефанка Дончевска од Пробиштип секој ден од нивниот дом патуваат и ги примаат терапиите на штипското Одделение за физикална медицина и рехабилитација. Дончевски од 2013 година по операцијата на двата колка секоја година е на ова одделение, а неговата сопруга пред извесно време имала операција на едниот колк и е со помагала. Двајцата во глас одговараат оти се задоволни од медицинскиот кадар.
- Во Кежовица доаѓам од 2013 и секоја година сум тука. Оваа бања ми го продолжува здравјето и како што гледате по толку години имам помош. Сега е средено, но пред неколку години не беше. Сега сме задоволни и брзо оди терапијата со струи, со вежби, со се, вели Дончевски.
Неговата сопруга Стефанка додава дека пациентите кои се со помагала имаат предност и веднаш влегуваат на терапија.
- Терапиите веднаш ги примаме и многу не не задржуваат, има разбирање со пациентите. Сега нема гужва и со сестрите што се внатре, со сите сме задоволни. Условите сега се малку подобри, а порано кога доаѓав со маж ми беше многу полошо. Во оваа бања, која во нашиот реон е втора по квалитет на вода, треба да се направи нешто повеќе, изјави Дончевска.
Миле Варсласки од Берово е сместен во болничките соби на Физикалната терапија во Штип. Тој е дециден дека е задоволен од персоналот, но не и од условите.
- За персоналот нема што да збориме, се што е човечки фактор се е добро, одлични се, а условите се лоши. Не сакам да напаѓам, но нема добри услови, потребно е целиот објект да се реновира. Еве лекарите, медицинските сестри се трудат колку што можат. Екипата е многу добра, собите се чисти, но се е старо во нив, инвентарот е од поодамна и треба да се купи нешто ново, вели Варсласки.
На прашање на МИА дали и од страна на пациентите треба поголема грижа кон она што го има ова одделение, Варсласки одговори дека секако е потребна грижа и од нивна страна.
- Многу од пациентите немаат култура, во бањата каде што беше реновирано сега се е искршено - извадиле брави, закачалки, еве некој пациент го искрши и телевизорот, вели Варсласки.
Нови инвестиции ќе има во Физикална терапија во Штип, проблем е и недостиг на физијатри.
Физијатарот Костадинов потврдува дека условите не се добри, или како што вели „условите се такви-какви што се“.
- Во изминатиот период направивме сериозни промени со воведувањето на кабинската работа, ги намаливме гужвите и чекањата. Значи, сега секој пациент си има свој термин, брзо се услужуваат и процесот на рехабилитација е побрз и поблагодарен. Во однос на инфраструктурните решенија наредниот период ќе имаме реконструкција на соблекувалните и се надеваме дека со доизградбата на Клиничка болница Штип ќе почнеме и со посериозни инфраструктурни зафати во нашето одделение, вели Костадинов.
Тој дополни дека е потребна реконструкција на болничките соби, на амбулантите и на хидротерапевтскиот дел.
- Болницата е доста стара, но љубезноста на персоналот и успехот во рехабилитацијата се многу големи.За разлика од претходно, листи на чекање немаме. Во моментов сите пациенти се услужени, независно од тоа што сме со дефицит од доктори и технички персонал. Но, правиме напори да ги услужиме сите пациенти, изјави Костадинов.
На ова одделение дефицитарни се лекарите физијатри, пред неколку дена биле тројца лекари, но еден од нив заминал во пензија, а и втората лекарка е пред пензионирање.
- Во Одделението за физикална терапија при Клиничка болница-Штип досега бевме тројца физијатри, колегата веќе замина во пензија, останавме двајца, имаме доволен број физиотерапевти - 19, но како и секаде со проблемот со техничкиот персонал во цела Клиничка болница, така и кај нас имаме дефицит на болничари и хигиеничари. За нормално функционирање на одделение од ваков обем потребни се најмалку уште тројца физијатри и технички персонал, вели Костадинов.
Прашан дали се надминува проблемот со физијатри, Костадинов одговори дека една лекарка е упатена на специјализација на физикална.
- Се надеваме дека во наредниот период ќе има и други колеги кои ќе изразат желба, кои ќе специјализираат физикална и рехабилитациона медицина, рече Костадинов.
Стари врати, прозорци, инвентар во собите, плочките кои се по подовите и на ѕидовите исто така се од пред неколку децении. Раководството на Клиничка болница-Штип секоја година по нешто реновира на оваа одделение, и тоа во просторот каде што се прима терапијата, базенот.
Штип со инвестиции во водоснабдувањето ќе го шири градот кон бањата Кежовица
Со помош на Владата и со пари од општинскиот буџет над бањата Кежовица, поточно меѓу населбите Мерите и Пребег и Железничка има интензивни градежни активности. Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов вели дека е изградена Водоводна линија два, во моментов се градат и резервоарите за вода во Пребег и кај Мерите, а се трасира и се гради новата обиколница на градот.
Oвде се одвиваат активности за изградба на најавуваниот резервоар за вода – резервоар Мери, кој што е во состав на проектот линија два, план на водоводна линија, која што е веќе изградена, ставена во функција до населба Пребег. Она што е како втора етапа од линија два е практично изградбата на овој резервоар и поврзување со викенд населбата Плуждино. Дополнително има можност за водоснабдување и развој на делот кон бањата Кежовица и кон нешто што како град и како потенцијал го имаме, а тоа е развој на бањско-рекреативен центар „Кежовица“, вели Јорданов.
Вкупната капацитетност за двата резервоара во изградба е повеќе од 2.000 метри кубни. Јорданов посочува дека интезивно се гради и обиколницата која што ги поврзува населбите Железничка и Пребег, кон викенд населбата Плуждино.
- По пет до десет години ова место ќе биде едно од најубавите за домување и за развој, рече Јорданов.
Тој верува дека градот Штип ќе се развива и шири на овој потег, имајќи предвид дека веќе се влегува со потребната патна и водоводна инфраструктура. Согласно новиот ДУП за бања Кежовица, предвидени се продажба на парцели за изградба на спа центри, дом за стари лица, куќи, градинка...
Ново на Сител
-
Пациентите задоволни од медицинскиот кадар, но бараат подобри услови во штипската физикална терапија „Кежовица“
-
Приведено лице во Демир Хисар, возело под дејство на алкохол
-
САД: Допрва претстои силен руски одговор на украинските напади со дронови
-
Два аеродрома во Москва затворени по украински напад со дронови
-
Штипјанец лишен од слобода, возел под дејство на алкохол
-
Од утре пад на температурите за три до пет степени со услови за пороен дожд и грмежи
-
Сиљановска-Давкова ќе учествува на третата Конференција на ОН за океанот во Ница
-
Препораки на ИЈЗ за заштита од високите температури