Македонија
12. July 2026 - 16:37

Овчата сипаница го пустоши сточниот фонд

Повеќе од 200 овци заразени со овча сипаница беа еутаназирани и безбедно отстранети на локација меѓу селата Соколарци и Жиганци. Со механизација беше ископана длабока јама во која животните беа закопани според пропишаните ветеринарни и еколошки стандарди. Надлежните велат дека ова е единствениот начин да се спречи натамошно ширење на заразата и да се заштити сточниот фонд во регионот. Постапката се спроведува под надзор на Агенцијата за храна и ветеринарство, инспекциските служби и локалната самоуправа. Од Општина Чешиново-Облешево уверуваат дека местото каде што се врши закопувањето е избрано согласно сите законски прописи и не претставува ризик за животната средина и населението.

- Сите неопходни активности за најбезбедно отстранување на тие животни од трлото кај сопственикот ќе бидат спроведени во координација со државните институции, со Агенцијата за храна и ветеринарство и со Државниот инспекторат за животна средина, изјави Јорданчо Костадинов, градоначалник на Општина Чешиново-Облешево.

Паралелно со уништувањето на заразените животни, ветеринарните служби вршат контроли и на останатите фарми во околните населени места. Одгледувачите на ситен добиток велат дека се земаат примероци и се следи здравствената состојба на животните за навреме да се открие евентуално ново жариште.

- Доаѓаа доктори, земаа крв од моите кози. За среќа, нема ништо. 

- Штом се уништи цело стадо, газдата продаде сè што имаше. Затоа кај нас веќе речиси и нема стока, токму поради ваквите болести, анкета сточари од општина Чешиново- Облешево.

Овчата сипаница е вирусно заболување кое ги напаѓа овците, а во одредени случаи и козите. Се карактеризира со висока температура, појава на промени на кожата, намален апетит и проблеми со дишењето, а кај младите животни може да има и висока смртност. Бидејќи не постои специфична терапија против вирусот, најважни мерки се брзото откривање на заразата, изолацијата на заболените животни, дезинфекцијата и почитувањето на строгите биосигурносни правила.