Отворена е нова канцеларија за е-услуги во Свети Николе
Во зградата на општина Свети Николе, отворена канцеларија за е – услуги. Во неа ќе работат тројца вработени, кои на граѓаните ќе им овозможат користење на услугите од порталот, е-услуги.
Сите граѓани, коишто немаат пристап до интернет, немаат соодветна опрема дома или не знаат или не сакаат сами да ги користат услугите на порталот можат да се обратат во канцеларијата за е-услуги, на многу едноставен, ефикасен начин ќе добијат потребен документ, изјави Стефан Андоновски, министер за дигитална трансформација.
Во втора фаза овие центри ќе служат за помагање во градење на вештини на граѓаните, како да се снајдат, за да ја добијат потребната е-услуга. Андоновски истакна дека ветиле 10 нови центри во 2025 –та година, а до крајот на летото ќе бидат отворени уште три.
Многу ми е драго што помалите градови самите пројавија интерес центрите за услуги да бидат отворени и во нивниот град и ние ќе направиме напори да бидеме присутни во секое место каде за тоа има интерес, додаде Андоновски.
Граѓаните повеќе нема да го губат времето по сите институции, туку во оваа канцеларија ќе можат да ги подигнат документите, кои што се во рамките на е-услугите.
Можат да си дојдат тука и да извидат документи од типот на М1, М2 од Агенција за вработување, државјанство, листа за стаж и многу други услуги што ги нудат државните органи во Република Македонија. Така што, со отварањето на оваа канцеларија им се олеснува работата на сите граѓани на Општина Свети Николе, изјави Дејан Владев, градоначалник на Свети Николе.
Канцеларијата ќе работи од 7.30 до 15.30 часот секој работен ден.
-
Трајан Ристовски
Сите содржини од овој новинар