Освен физичко обезбедување на Центрите, УПОЗ бара и обезбедување на социјалните работници на терен
Синдикатот на УПОЗ и претставници на ССМ денеска го посети Центарот за социјална работа во Прилеп каде уште еднаш ја изразија својата поддршка за колешката кон која пред 3 дена беше извршен обид за убиство додека ја вршела својата должност. Истакнаа дека веќе издвоиле одредена сума на пари како поддршка при опоравувањето на повредената социјална работничка.
„Ние како Синдикат со годинини наназад единствено барање ни беше за безбедноста на работниците во Центрите за социјална работа. Веќе јавноста мора да знае дека овие колеги позади нас извршуваат многу специфична работа задача, со најмаргинализираните групи во општеството. Не е прв пат да бидат физички нападнати, не е прв пат да бидат вербално нападнати, но е прв пат некој да дојде тука и да пука со пиштол“, истакна Трпе Деаноски, претседател на УПОЗ.
Освен физичка заштита на Центрите побараа и физичка заштита кога одат на терен.
„Меѓутоа не е работата само да има физичко обезбедување на влезот на Центрите, проблемот е и кога овие луѓе излегуваат на терен тогаш имаат најмногу закани и напади. Овие луѓе имаат едни од најниските плати во државата, немаат додатоци на плата, немаат платено дежурство, немаат приправност, немаат ништо“, додаде Деаноски.
Директорот на Центарот се надева дека во најскоро време ќе биде реализирано ветувањето на Министерството за физичко обезбедување на овие објекти низ цела Македонија.
„За жал повеќето од нас се со примање на терапија во општата болница, некои се веќе на боледување, така што сега работиме со донекаде преполовен капацитет на вработени, но процесот на работа продолжува“, изјави Зоран Малкоски, директор на Центар за социјална работа.
Од Министерството за социјална политика, демографија и млади рекоа дека оваа постапка била во завршна фаза и дека наскоро ќе се објавел и јавен оглас за ваков вид на јавна набавка.
-
Дарко Штаргоски
Сите содржини од овој новинар