Македонија
6. April 2024 - 17:19

Општинско корисна работа

Над 80 000 крајни корисници во изминативе 12 години добиле услуга преку програмата за „Општинско-корисна работа“ или ОКР. Поради бранот иселувања на младите, Програмата овозможува грижа и нега за стари и изнемоштени лица, за лица со попречености без разлика на возраста, лични и образовни асистенти во средните училиште и основното образование.

-Преку оваа Програма се креираат или се унапредуваат социјални услуги на локално ниво, така што ние ја доживуваме ОКР како база или како ресурс за развивање на тие услуги, меѓутоа во исто време, даватели на услугите се невработени лица кои преку вклучувањето во програмата се стекнуваат со соодветни вештини, кои понатаму доведуваат до нивна зголемена вработливост на пазарот на трудот, изјави Наумче Ташовски, координатор на Програмата „Општинско - корисна работа“.

Новиот начин на живот продуцира нови ранливи категории граѓани, како зависници од игра на среќа или малолетничка деликвенција, на кои допрва ќе им биде потребна стручна помош. Од тие причини се организираат креативно –информативни работилници на кои присуствуваат преставници на центрите на планските региони, за вработување и социјална работа, општините, невладините и младинските организации, за да изнајдат начин за психолошка помош и социјална поддршка.

-Преку излегување на терен, со досегашното искуство, мапиравме голема потреба и кај други ранливи категории, кај кои допрва ќе има потреба за помош. Со помош на овие работилници, ќе научиме нови знаења и ќе размениме искуства со кои ќе изнајдеме решение за помош на ваквите лица.-изјави Камелија Илиева, психолог во НВО „Стартер плус“. 

Општинско-корисна работа се спроведува во 60 општини, со 4800 даватели на ваквите услуги, а тенденција е годинава да бидат вклучени и останатите 20 општини, со што би била иницијатор на национално ниво, социјалните сервиси да ги препознае државата и да влезат во рамките на системот.