Обвинителството ќе ги контактира пациентите и семејствата на починати кај чии медицински истории беше утврдено несовесно лекување
Починати се дел од граѓаните чии медиицнски истории од скандалот Онкологија беа вештачени во Србија и Словенија. Останатите се уште одат за терапија и контроли на клиниката.
По утврдување на наодите за несовесно и несоодветно лекување кај 47 пациенти, претставници од Хема Онко добија одговори од Обвинителството – сите пациенти на кои припаѓаат вештачените истории или нивни семејства ќе бидат контактирани и ќе станат дел од процесот. Здружението ќе бара да бидат и обештетени.
- Ниедни пари нема да го вратат здравјето ниту нивните најблиски кои се починати, но од друга страна ќе даде еден заклучок дека немале тие вина и направиле се како што треба за себе и нивните блиски и тоа треба да биде казнето, а тие луѓе компензирани, вели Ана Марјановиќ, онколошки пациент и дел од Хема Онко.
И од Обвинителството соопштија дека пациенти и нивни законски претставници ќе бидат информирани за нивните права како оштетени. А на денешната средба претавниците од здружението добиле одговор дека вештачењето во Словенија потврдило несоодветно лекување кај 29 пациенти а во Србија кај 18.
Претставниците на организацијата беа информирани дека во текот на истрагата беа прегледани медицинските досиеја на сите онколошки пациенти кои примале биолошка терапија за период од 5 години – од 01.01.2018 до крајот на 31.12.2022 година, при што технички советници на истрагата ги издвоија историите со одредени сомненија за начинот на третирање. Од сите прегледани истории, 65 беа издвоени, испратени и анализирани од вештите лица во Словенија и Србија, велат од Обвинителството.
И додека онколошките пациенти чекаат правда, власта и опозицијата продолжуваат со препукувања. Од ВМРО-ДПМНЕ и денеска бараат Обвинителството да истражи дали Филипче е вмешан во скандалот. Лидерот на СДСМ и екс министер за здравство вели дека не чуствува вина.
- Дали и Филипче, заедно со овие двајца директори за кои беа поднесени кривични пријави, бил свесен за овој криминал и останал нем на истиот или можеби и тој бил вклучен во истиот случај?
Дали Филипче има добиено голема сума на пари за да молчи и индиректно да го одобрува овој криминал на Онкологија?, вели Валентин Манасиевски, ВМРО-ДПМНЕ
- Вина не чуствувам апсолутно. Добро е што има процес и добро е да ја знаеме вистината да видиме што ќе покаже. Апсолутно, секој што го прекршил законот треба да одговара, вели Венко Филипче, претседател на СДСМ.
Минатата недела Обвинителството поднесе две обвиненија за Онкологија. Екс директорот Нино Васев е обвинет и за злоупотреба на службена должност заедно со тогашниот организациски менаџер Васев ќе одговара и за несовесно лекување заедено со уште тројца онколози од клиниката.
-
Сања Димитровска
Сите содржини од овој новинар