Македонија
24. February 2026 - 12:25

Ново возило за чистење канали во Босилово

Општина Босилово започна со чистење на запуштената каналска мрежа, која претставува една од главните причини за честите поплави , не само на обработливите површини, туку и во населените места. За таа цел во функција е ставено и специјално возило кое општината го доби како донација од УНДП.

Станува збор за инвестиција вредна околу 40 илјади евра, реализирана како заеднички проект со општина Ново Село. Новата механизација веќе е ангажирана за расчистување на најкритичните делови од каналската мрежа и овозможува побрзо, поефикасно и поквалитетно чистење на каналите.

Паралелно со чистењето, општината работи и на подобрување на одводната инфраструктура. По повеќе од три децении, минатата година биле избетонирани четири одводни канали, а годинава се планира изградба на уште најмалку два.

Од локалната самоуправа посочуваат дека ниската надморска височина и конфигурацијата на теренот придонесуваат за бавно одводнување на водата, што во минатото често резултирало со поплавени дворови и земјоделски површини.

Целта е во наредниот период да се продолжи со навремени интервенции, но и со набавка на дополнителна опрема, со цел да се превенираат и спречат посериозни последици.