Давитковски: Правосудниот испит законски се полага само на македонски јазик
Идните адвокати, судии и јавни обвинители мора да го полагаат правосудниот испит на македонски јазик како што пропишува законот.
Барања за полагање на албански јазик се косат со законските норми и водат кон дискриминација на останатите етникуми, објаснува поранешниот претседател на Комисијата за полагање правосуден испит Борче Давитковски. Досега никој не побарал полагање на правосудниот испит освен на македонски јазик како официјален јазик во Македонија.
Повикувајќи се на петиција од студенти кои бараат полагање на правосуден испит и на албански, инспектори од Инспекторатот за употреба на јазици два пати влегоа во министерството да ја чешлаат документацијата.
За Давитковски ова е скандалозно - студенти не можат да поднесуваат иницијативи и петици за менување на законот, затоа што тие не исполнуваат услови како кандидати за полагање на правосудниот испит. Одговорност мора да има и за директорот на Инспекторатот.
Само Уставниот суд преку иницијатива може да утврди дали се прави дискриминација со полагањето на испитот како што обвинува албанската опозиција, вели Давитковски. Од Судот пак се воздржаа од коментари бидејќи пред нив за оценка осопорен е целиот Закон за употреба на јазиците, на кој се повикува и Инспекторатот и дел од албанските партии. .
Во последните 2 години правосуден испит положиле 368 кандидати, од кои 82-ца биле Албанци. Кандидатите може да полагаат во сесиите во април, јуни, октомври и декември, а условот е да бидат дипломирани правници со 300 ектс кредити и најмалку 1-2 години работно искуство.
-
Ивана Соколовиќ Најдовa
Сите содржини од овој новинар
