Македонија
16. May 2025 - 16:45

Ново рочиште за двојното убиство на Вања и Панче, oд првиот момент планирале убиство

Обвинетите за двојното убиство на 14-годишната Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски не планирале само да ја киднапираат Вања, туку и да ја убијат уште на 24 ноември, кога имале неуспешен обид за киднапирање. Ова го тврдеше Обвинителството на денешното рочиште во судот приложувајќи видео докази.

На снимките се гледа како обвинетите Велибор Манев и Боре Видевски се во дворот на Панче Жежовски, со лопати во рацете, по што со автомобилот заминуваат кон Велес.

Обвинителството тврди – од првиот момент планирале да ја убијат Вања.

Првообвинетиот во случајот, Љупчо Палевски Палчо пак, тврди дека обвинителството сака да го намести со сомнителни докази.

Обвинителството денеска приложи и други докази. Еден од нив е чаурата пронајдена во велешко заедно со телото на Жежовски. Меѓутоа, обвинителите не можеле да утврдат дали чаурата е испукана од пиштолот на Боре Видевски, бидејќи, иако легален, МВР немал податоци за конкретниот пиштол.

Ова за одбраната е спорно. Адвокатите тврдат дека имало многу пропусти и во предистрагата и во истрагата, но и во обвинителниот акт.

Судењето за двојното грозоморно убиство продолжува на 21 мај, за кога е закажено ново рочиште.