Една ипол година затвор за поранешните директори на модуларната болница во Тетово
Една година и шест месеци затвор добија поранешните директори Флорин Бесими и Артан Етеми на модуларната болница во Тетово- судот одлучи дека се виновни за предизвикување тешки дела против општата сигурност, бидејќи не обезбедиле ПП апарати во објектот, што придонело во пожарот на осми септември во 2021 година да загинат 14 лица, пациенти кои се лекувале од ковид и членови од нивните семејства.
Болницата како правно лице треба да плати 1 милион денари.
Етеми не беше во судницата да ја слушне пресудата, додека поранешниот директор Бесими смета дека одлуката на судот е неправедна. Имало сведоци дека во објектот имало ПП апарати, но вели ниту ПП апарат не можел да помогне да се изгасне огромниот пожар. Ќе поднесе жалба на пресудата.
Ниту семејствата на жртвите во траорниот пожар не беа задоволни од пресудата. Иако велат има вина и кај директорите, сепак вистинските виновници за смртта на нивните блиски не се нашле во судницата.
Според одбраната на болницата како правно лице, одлуката на судот е неприфатлива бидејќи грешно се толкувале одредбите од законот за кривична постапка. Ќе се жалат пред второстепениот суд.
Ова беше повторено судење за трагедијата во модуларната болница. На претходното двајцата поранешни директори добија условни казни затвор од година и половина. Откако Обвинителството ја обжали пресудата, гостиварска Апелација го врати на повторено судење.
На рочиштата вештаците кои беа сослушани сведочеа дека увидот кои го извршиле после пожарот, утврдиле дека објектот бил изграден според сите стандарди.
Како причина за пожарот беше утврдено дека е продолжен кабел во болницата кој се прегреал, додека во него биле вклучени повеќе апарати, како дефибрилатор и полнач за мобилен телефон.
-
Тамара Дичоска
Сите содржини од овој новинар