Loading Video...
Балкан
6. March 2025 - 16:32

Нови инциденти во Белград и Атина

Тензиите во Србија утрово се прелеаа пред градското собрание во Белград. Додека внатре течеше седница на која власта експресно изгласа 40 точки на дневен ред, а опозицијата ја попречуваше седницата со пеење на химната, пред зградата дојде до физичка пресметка помеѓу демонстрантите и обезбедувањето.

Протестите почнаа со фрлање јајца и црвена боја кон градското собрание, а ескалираа откако дел од граѓаните се обидоа да ја тргнат металната ограда во обид насилно да влезат во зградата.

Немирите не запираат и попладнево, кога собирите се преселија пред управата на полицијата со барање да се ослободат приведените демонстранти, каде дојде до нов судир со полицијата. 

Според српските медиуми во немирите повредена е една жена, додека полицијата привела најмалку 5ца демонстранти. Собирите попладнево се преселија пред управата на криминалистичката полиција со барање за нивно ослободување.

Инциденти вчеравечер и во центарот на Атина. Откако заврши протестот за железничката несреќа, група маскирани лица палеа контејнери и  ја нападнаа полицијата со молотови коктели, полицајците одговорија со шок бомби и солзавец.

Грчката полиција соопшти дека приведени се 30 лица, а повредени тројца полицајци и двајца демонстранти.

Претходно за време на протестот, со 57 хартиени фенери, пред грчкиот парламент, организаторите им оддадоа почит на загинатите во железначката несреќа пред две години кај Темпи, кога директно се судрија патнички и товарен воз.

Протестите со барање правда и одговорност за несреќата се совпаднаа со стартот на расправата за гласање недоверба на грчката влада по барање на 4 опозициски партии. Нови протести се закажани за утре, кога се очекува и конечното гласење.