Нова национална стратегија за бездомните кучиња
Сите осум плански региони во државата ќе треба да изработат посебни стратегии, кои подоцна ќе послужат како основа за креирање Национална стратегија за справување со бездомните животни. најнапред ќе се спроведе анализа и мапирање на состојбата на терен, по што ќе следува подготовка на конкретни насоки и мерки за секој регион одделно.
- Ние одиме по терен, денеска сме во Источниот Регион, од кој што присутните и локалната самоуправа ќе добијат насоки како да ги изработат овие податоци, врз кои ќе се направи детална анализа, како и Стратегија за тој регион, затоа што секој регион си е посебен. Во сите региони можам да кажам дека е еден генерален проблем, неодговорното сопствеништво, за жал свеста кај сопствениците кои чуваат миленици е многу ниска и секојдневно се соочуваме со напуштање на миленици, најмалку по десет кучиња дневно, вели Тања Ристевска-Оловска, раководителка на Секторот за инспекциски надзор во АХВ.
Новиот закон предвидува строги казни за напуштање и малтретирање на миленици, но најважно е да се промени општествената перцепција кон овој проблем.
- Во оваа нова Стратегија се обидуваме да применеме нови индикатори, со кои што ќе го следиме овој проблем. Перцепцијата е од аспект да ние ги следиме изворите на нови кучиња, заради тоа што цело време зборуваме за безбедна популација, а воопшто не обрнуваме внимание на вкупната популација во државата, особено во општините. Така што во новата Стратегија ние ќе се обидиме да покажеме некакви мерливи индикатори, кои што во континуитет мора да си следиме, за да знаеме како популацијата на кучиња се развива во Македонија, изјави Влатко Илиевски, Факултетот за ветеринарна медицина.
Од 2018 година се врши микрочипирање на кучињата и овие податоци треба да бидат достапни за сите релевантни институции. Општините мора точно да располагаат со информации за бројот на бездомни кучиња и трендот на нивното зголемување или намалување. За изградба на стационар за бездомни кучиња неопходно е да се имаат прецизни податоци за бројот на кастрирани и нестерилизирани животни, како и за нивната фреквенција.
-

Трајан Ристовски
Сите содржини од овој новинар
