Училишните психолози ќе се лиценцираат за да превенираат врсничко насилство
Иницијатива за лиценцирање на училишните психолози за да детектираат насилство или други проблеми кај децата, најави министерката за образование. Ова следи по зачестените инциденти меѓу ученици.
- Од Комората на психолозите ќе побарам да организира додатни обуки за психолозите бидејќи едни учеле по стари, а други по нови програми, рече Весна Јаневска, министерка за образование и наука.
Градоначалникот на Скопје пак најави бесплатна психолошка подршка за децата од надворешен оператор во сите средни училишта во главниот град. Оваа мерка треба да стартува за 15 дена. Орце Ѓорѓиевски рече и дека ќе разговара со сите директори на средните училишта за да најдат начин да се забрани користењето на мобилните телефони додека децата се на настава.
- Тоа е добро да се практикува и во средните училишта и за тоа ќе разговараме со сите директори на средните училишта. Онаму каде што ќе има потреба да се користат и е во согласност со наставата, таму ќе биде овозможено со посебна дозвола од наставниците, како што кажа и министерката, а сè друго ќе биде посветено учење за време на часот – изјави, Орце Ѓорѓиевски, градоначалник на Град Скопје.
Како мерка за спречување на врсничкото насилство во Скопје, градоначалникот најави и дека ќе организира заедничка прослава на матурска вечер за учениците од сите средни школи со цел децата да се запознаат и забавуваат заеднички.
Министерката рече дека веќе испратиле допис до сите училишта да се запази праксата наставници да дежураат во училиштата и за време на одморите наместо ученици.
По зачестените случаи на педофилија од страна на вработени во образовни установи, Јаневска ќе побара да се промени и зајакне приправнички стручен испит за наставниците пред да добијат решенија за трајно вработување.
-

Александар Динев
Сите содржини од овој новинар
