Водата и калта од домовите во Стајковци во најголем дел исчистени

Водата и калта од домовите и дворовите во Стајковци во најголем дел се исчистени, речиси целата уништена покуќнина и градежниот шут се извадени од домовите и се транспортираат до привремената депонија кај клучката на обиколницата.
Ова го констатираа градоначалниците на Град Скопје и на Општина Гази Баба, Коце Трајановски и Тони Трајковски, по синоќешниот увид на терен, каде екипи на јавните претпријатија на Градот Скопје и Противпожарната бригада работат на нормализирање на состојбите по поплавите од 6-ти август.
Како што информира Град Скопје, механизација деноноќно работи на празнење на привремената депонија од која ѓубрето се носи до депонијата во Дрисла.
- Во депонијата моментно се носи сметот од повеќе населени места, бидејќи повеќето слични привремени депонии беа исчистени и повеќе не се користат со оглед дека беа лоцирани во дворовите на училишта кои се подготвуваат за почетокот на училишната година, се наведува во соопштението.
Од минатата недела почна и големата акција за реконструкција на сите улици и патишта кои беа оштетени од поплавата, со миење и тампонирање на улиците во сите населени места погодени од невремето.
Градоначалниците Трајановски и Трајковски извршија увид во чистењето на главните улици во Стајковци, како и во тампонирањето на споредните улици. Трајановски апелира граѓаните да се воздржат, зашто санирани ќе бидат сите улици, иако најпрво се тампонираат најприоритетните.
Во средата, Советот на Град Скопје донесе Одлука за воспоставување меѓуопштинска соработка меѓу Град Скопје и Општина Гази Баба заради остварување заедничка цел - изградба, реконструкција и санација на улици во населени места во Општина Гази Баба. Град Скопје ќе издвои 150 милиони денари за реконструкција на оштетената инфраструктура во реоните погодени од големите поплави.
Ново на Сител
-

Британскиот амбасадор Лосон преку видео порака на македонски го честиташе Денот на македонскиот јазик
-

Авионска дезинсекција на скопската територија во четврток
-

УЈП: Над 860 илјади граѓани добија однапред пополнети годишни даночни пријави за 2025 година
-

Постигната спогодба меѓу Џастин Балдони и Блејк Лајвли во врска со тужбата за наводно сексуално вознемирување
-

Средба на Сиљановска-Давкова со романскиот претседател Дан: Добрите политички односи да бидат проследени со поширока економска соработка
-

Бујар Османи од Брисел: Европскиот пат е блокиран, Охридскиот договор се урива
-

АХВ од Тетово почнува со работилници за управување со популацијата на кучиња
-

Во април расчистени 2.750 кубни метри отпад од диви депонии во Скопје
