Македонија
11. December 2025 - 16:41

Загрижени родители со петиција за забрана и строго регулирање на социјални мрежи за деца под 16 години

Целосна забрана на употреба на Тик-ток и строго ограничување на други социјални мрежи за деца под 16 години. Загрижени родители, наставници и стручни лица со петиција - да се иницира законска и практична рамка што ќе вклучува строги ограничувања за социјалните мрежи. Главен аргумент врз кој ја темелат петицијата е негативното влијание врз менталното здравје кај нивните деца.

Трошановски за Сител потенцира дека превенирањето на штетното влијание од социјалните мрежи е клучно. Да не бидеме дел од последните држави кои законски ќе го ограничуваат штетниот алгоритам од мрежите, туку да држиме чекор со оние кои веќе имаат имплементирано заштитна рамка.

Неделава Австралија стана првата земја во историјата која воведе задолжителна минимална возраст за користење на социјалните мрежи. Според законот таму, сите деца под 16 години не смеат да имаат Фејсбук, Инстаграм, Тик ток и  Јутјуб акаунти. Ако некој успее да си направи профил, казна ќе сносат технолошките гиганти, а не родителите.

Македонија не планира да го следи примерот на Австралија, дециден е министерот за дигитална трансформација. Наместо забрана, им порача на родителите да ја преземат одговорноста во свои раце и да ги насочат децата да истражуваат покорисни алатки.

Андоновски цени дека законот во Австралија нема да биде успешен. Својот став го темели врз првичните објави дека голем дел од децата веќе нашле начин како да го изиграат законот.

Во Македонија имаше дебата за забрана за мобилни телефони во училиште, кога голем дел од основците завршија во болница со скршени коски и други повреди поради трендот Супермен. Загриженоста повторно се врати кај родителите за трендот предозирање со Парацетамол. Но, властите не донесоа никакви забрани, туку испратија прирачници до училиштата за да ги едуцираат децата за штетните влијанија од интернетот.