Гаши очекува власта и опозицијата да се договорат за една анкетна комисија за Кочани
Кон средината на декември собранието ќе го разреши Муртезани и ќе ги именува Сали и Хоџа за нови министри.
Спикерот Гаши на денешниот брифинг со новинарите рече дека приоритет ќе се даде на седницата за усвојување на буџетот, која ќе стартува следната недела.
Дали Муртезани ќе го превземе амбасадорското место во Брисел, премиерот Мицкоски вели дека засега нема конечен став. Од новите министри очекува да работат посветено и во интерес за граѓаните.
Со оваа реконструкција Мицкоски вели дека засега се затвора овој процес, нови кадровски промени во Владата се можни на пролет. Тошковски, чиј ресор се споменуваше како еден од оние кои може да бидат опфатени со реконструкцијата, вели дека не очекува да биде сменет.
Засега во Собранието нема најави за зголемување на владејачкото мнозинство.
На утрешната седница ќе се најде формирањето на двете анкетни комисии за трагедијата во Кочани, и онаа поднесена од опозициските партии, и онаа на владејачките со која се отфатени и другите несреќи кои однесоа човечки животи.
Спикерот Гаши побарал од координаторите на пратеничките групи да се обидат да се договорат да има само една комисија со оглед дека и темата и составот на комисиите е ист, но ваков договор засега нема.
Гаши вели дека иако неговиот личен став е дека анкетната комисија може да влијае врз судскиот процес, сепак мора да го почитува ставот на мнозинството пратеници кои сметаат дека анкетната комисија ќе утврдува политичка а не кривична одговорност.
Собранискиот спикер очекува и Апасиев да ја одложи седницата на Постојаната анкетна комисија за заштита на човековите права, бидејќи се поклопува со седницата за буџетот. На седницата се очекува да присуствуваат родителите и роднините на загинатите, поканети се и Гаши, Мицкоски и Сиљановска, но спикерот смета дека ниту тој ниту некој од пратениците не сака да биде ставен во искушение да бира на која седница да присуствува.
-

Деспина Тодоровска
Сите содржини од овој новинар
