Шефот на германската дипломатија Вадефул попладнево доаѓа во Скопје
Шефот на германската дипломатија Јохан Вадефул попладнево доаѓа во Македонија. Посетата е во рамки на балканската турнеја, а според агендата предвидено е во Скопје најпрво да се сретне со министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски, а потоа и со премиерот Христијан Мицкоски. Сепак по билатералните средби не се предвидени прес конференции, ниту изјави, за разлика од останатите земји кои досега ги посети.
Според официјален Берлин, фокусот на посетата е напредокот и предизвиците во процесот на проширување на ЕУ, а меѓу темите на дискусија ќе бидат реформите и регионалната стабилност и соработка.
Германското министерство за надворешни работи сподели изјава на Вадефул пред турнејата во која вели дека за прв пат по подолг период, постои реална шанса процесот на пристапување да направи клучен чекор напред.
- Шесте земји од Западен Балкан се составен дел од европското семејство. Германија ги поддржува активно и амбициозно во нивното продолжување на патот кон ЕУ. За прв пат по подолг период, постои реална шанса процесот на пристапување да направи клучен чекор напред. Ќе разговарам за овие прашања со моите соговорници во шесте земји од Западен Балкан и ќе разјаснам дека Европа не е далечно ветување, туку конкретна перспектива за нив, изјавил Вадефул.
Во земјите од регионот кои веќе ги посети испрати порака дека Германија е сојузник во интегративниот пат, но реформите мора да се спроведат.
Експертската јавност оценува дека доаѓањето на Вадефул е силен сигнал за поддршка во интеграциите, но и аларм дека обврските треба да бидат завршени.
Вадефул досега ги посети БиХ, Црна Гора, Албанија и Србија, а балканската турнеја ја завршува со Косово и Македонија.
-
Ивана Соколвиќ Најдова
Сите содржини од овој новинар
