Македонија
16. November 2025 - 17:04

Градските инспектори во три смени ќе “ловат“ кој фрла отпад по 22 часот

Инспекторите ќе бидат на терен и по полноќ, за да ги фатат на дело сите што ќе ја прекршат новата забрана за фрлање отпад по 22 часот. Градските власти ја менуваат организацијата на оваа служба, а според информации на Сител, веднаш по утрешното објавување на одлуката инспекторите добиваат нов, поинтензивен распоред во тросменско работење. Во контролите ќе бидат вклучени сите градски инспектори и комунални редари.

- Град Скопје има вкупно 40 иснпектори, 11 комунални инспектори и 10 комунални редари. Сите овие вработени ќе бидат распоредени за поголема контрола. Прекршоците ќе ги констатираат на лице место. Доколку наидат на веќе исфрлен отпад од поголеми размери кој ќе биде од поинаков вид од вообичаениот на домаќинствата, ќе се влегува во подетална контрола на правните лица велат од Град Скопје. 

Од утре стапува на сила одлуката со која се забранува фрлање смет од 22 до 06ч. Прекршокот ќе ги чини скопјани 50 евра, додека за правни лица казните се од 1300 до 1800 евра но може да биде и повисока во зависност од типот на отпад.  

Оваа мерка е воведена пробно и може да претрпи измени објасни новиот директор на комуналното претпријатие. Целта, вели тој, е воведување ред, фирмите и угостителите повеќе да не ги полнат контејнерите наменети за домаќинствата, а градот поефикасно да го собира отпадот.

Новото раководство успеало да оспособи 40 возила за празнење контејнери, но за нормално функционирање потребни се уште најмалку 20. Претпријатието, додава директорот за Сител, и понатаму се соочува и со недостиг на оперативци.

А ваква пракса со строги правила и временски ограничувања одамна функционира во речиси сите европски држави. На жителите на големите метрополи им е строго забрането да фрлаат отпад навечер, а казните таму достигнуваат и по 200 до 300 евра.

Во Берлин, Виена и Копенхаген забраната важи од 22 до 06 часот. Во Париз отпад може да се изнесе само два часа пред собирањето, во Лондон наутро од 6 до 8 и попладне од 18 до 20 часот. А во некои градови отпад се фрла само утрото, точно пред да пристигне камионот што собира смет во одреден ден од неделата.