Затворени продавници за храна во близина на училишта, АХВ открила низа пропусти
Сендвичарници и пекари продавале небезбедна храна на ученици. Контроли на Агенцијата за храна и ветеринарство, откриле низа пропусти кај операторите со храна во близина на основни и средни училишта ширум државата.
Слаба хигиена, вработени без санитарна книшка, храна од сомнително или непознато потекло се само дел од пропустите кои ги констатирале проверките на АХВ.
Контролите биле направени во изминатите две недели. Инспекторите влегле во близу 500 објекти, а прекршување на правилата за продажба на храна биле откриени кај стотина. Забрана за работа и клуч на врата, добиле 15 продавници. Агенцијата запленила и скоро 700 килограми храна без соодветна декларација.
„АХВ спроведе засилена контрола кај операторитесо храна во близина на основи и средни учулишта, сендвичарници, бурекџилници и продавници за храна во и надвор од училишниот двор, односно објекти каде што најчесто учениците купуваат храна за време на големиот одмор. 15 забрани за вршење на дејност изрече Агенцијата за храна и ветеринарство на оператори со храна во рамки на 445 инспекциски контроли кои ги спроведе во изминативе десетина дена“, изјави Оливер Миланов, Директор на АХВ.
Контролите на АХВ направиле долг список на пропусти во продавниците од кои најчесто се хранат ученици. Во 32 објекти работеле лица без задолжителниот здравствено-санитарен преглед, а кај 30 хигиената била под стандардите. 26 објекти пак воопшто не биле во регистарот на АХВ како регистрирани оператори со храна. Контролите покажале дека во 19 продавници се продавала небезбедна храна.
„За утврдените недоследности изречени се парични казни за 77 оператори од вкупна вредност од 36 470 евра во денарска противредност. Издадени се 103 решенија со наредби за отстранување на утврдените недоследности и изречени се 23 опомени“, изјави Миланов, Директор на АХВ.
Агенцијата за храна и ветеринарство открила и ненавремена дезинфекција кај објектите, неисполнетост на условите за продажба и несоодветно означување на храната која се нудела на шалтерите.
Од АХВ најавуваат продолжување на конторолите, а посебно за објектите кои продаваат храна во близина на училиштата.
-

Зоран Јаневски
Сите содржини од овој новинар
