Преглед на вестите од светот
Претседателот на САД, Доналд Трамп, изјави дека документот потпишан на мировниот самит за Појасот Газа во Египет е „историски“ и рече дека со него е постигната долгогодишна цел, мир на Блискиот Исток. Тој нагласи дека „војната во Газа е завршена“ и дека хуманитарната помош веќе пристигнува во големи количини, вклучувајќи стотици камиони со храна, медицинска опрема и други потребни материјали, од кои, како што изјави, „голем дел беше финансиран од присутните во оваа просторија“.
Како дел од договорот израелската затворска служба ослободила речиси 2.000 затвореници, претежно Палестинци, како дел од договорот за прекин на огнот во Газа. Во исто време војската соопшти дека ги примила телата на четири мртви заложници што ги држеше Хамас во Газа. Војската соопшти дека засега нема да ги објави имињата на мртвите заложници и ја повика јавноста да биде трпелива и да почека да заврши официјалната постапка за идентификација во Националниот центар за судска медицина
Египетскиот претседател Абдел Фатах ел-Сиси на мировниот самит за Газа во Шарм ел-Шеик изјави дека светот е сведок на „историски момент“, нагласувајќи дека Палестинците имаат право на самоопределување и дека само решението за две држави ќе ги исполни аспирациите на двата народа и ќе обезбеди мир.
Руските сили го нападнаа Харков, вториот по големина град во Украина, во текот на вчерашниот ден и вечерта, оштетувајќи болница и прекинувајќи го снабдувањето со електрична енергија на 30.000 корисници во три области, соопштија локалните власти. Четири лица се повредени, повеќето од расфрлани стакла, а некои пациенти биле префрлени на различни одделенија. Во последните недели, руските сили ги концентрираа своите напади врз цели поврзани со електричната мрежа и гасната индустрија на Украина.
Американскиот претседател Доналд Трамп во Египет на заминување го повтори своето верување дека турскиот претседател Таип Ердоган може да игра клучна улога во завршувањето на конфликтот меѓу Русија и Украина. Ердоган изјави дека Турција ќе продолжи да работи за мир, како што беше активна и за постигнување прекин на огнот во Газа.
-
Марјан Ников
Сите содржини од овој новинар