Loading Video...
Свет
13. October 2025 - 12:14

Преглед на вестите од светот

Хамас утрово започна со ослободувањето на преостанатите израелски заложници кои ги држеше од 7 октомври 2023, со што се исполнува една од клучните точки од мировниот план за Газа, во чие создавање посредуваше Доналд Трамп. Во прв момент беа пуштени седуммина од 20-темина живи заложници, чии имиња беа објавени од Израел, кои прво му беа предадени на Црвен крст, кој потоа ги префрли во дел од Газа што е под контрола на Израел. Тие потоа ќе бидат превезени во воена база во јужен Израел, каде што ќе се спојат со своите семејства.

Се очекува Хамас денеска да ги ослободи сите 20-темина живи заложници. Се верува дека 26 заложници се мртви, а судбината на двајца не е позната, според израелските власти. Според договорот, Израел денеска треба да ослободи речиси 2.000 палестински затвореници, од кои 250 служат долги затворски казни.

Американскиот претседател Доналд Трамп замина за Блискиот Исток. Тој треба да пристигне во Израел вденеска за да се обрати пред Кнесетот, пред да отпатува за Шарм Ел Шеик во Египет на самитот на светските лидери за завршување на војната во Газа. Претседателот на Палестинската самоуправа, Махмуд Абас, исто така, ќе присуствува на самитот, соопшти новинар на Аксиос во неделата, цитирајќи висок палестински функционер.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху вчера даде изјава во која рече дека враќањето на заложниците е „историски настан“ и ги повика граѓаните на Израел да ги остават настрана различните несогласувања.

Израелското Министерство за правда ги објави имињата на 250 Палестинци осудени за убиство и други сериозни злосторства што треба да бидат ослободени во размената. На списокот не се вклучени познати личности како што се високи команданти на Хамас.

На про-палестинските демонстрации во главниот град на Швајцарија, Берн, повредени се 20 лица, меѓу кои 18 полицајци, пријавена е штета од повеќе милиони евра, а приведени се 536 лица, соопшти тамошната полиција. На протестот, кој полицијата го опиша како непријавен, учествувале повеќе од 5.000 луѓе, при што голем дел од нив биле маскирани и облечени во црно, кои се судриле со полицијата.