Oдбележување на Денот на народното востание
Во земјава денеска се одбележуваат 84 години од почетокот на народното востание кое почна во 1941 година во Прилеп и Куманово. Со ова започна востанието против фашизмот и борбата за ослободување на македонскиот народ.
Празникот годинава ќе биде одбележан со свечена академија во Прилеп и доделување на истоимената награда во Скопје.
Свечената академија под мотото „На вистинската патека, за татковина со иднина“ ќе се одржи во Центарот за култура „Марко Цепенков“ и на неа, според најавата од владината прес-служба, ќе се обрати премиерот Христијан Мицкоски.
Во Скопје, во Собранието ќе бидат доделени годинашните награди „11 Октомври“. Наградата за животно дело во областа на културата и уметноста ќе им биде врачена на актерката Теута Ајдини Легени, хорскиот диригент проф. Летка Димовска и на продуцентот и промотор на македонската уметност Иво Јанкоски.
Во областа на науката и образованието годинава наградата ќе му биде врачена на проф. д-р Константин Димитров, машински инженер и на академик Глигор Јовановски, хемичар.
По повод празникот ќе биде положено и цвеќе на партизанските гробишта во Бутел, како и пред Спомен-костурницата во Куманово и спомениците на Методија Андонов - Ченто, Кузман Јосифовски - Питу и Могилата на непобедените во Прилеп.
Денешниот ден, согласно Законот за празници, е прогласен за неработен ден во земјава.
На 11 октомври 1941 година, Првиот прилепски партизански одред го нападна полицискиот участок и телефонско-телеграфската мрежа во Прилеп, а следниот ден, на 12 октомври, се огласија и партизаните од Кумановскиот одред.
11 Октомври е продолжување на слободарските традиции на македонскиот народ проникнати во Карпошовото, Разловечкото, Кресненското и во Илинденското востание, но и во напорите за социјално и национално ослободување вложени во Балканските војни и во Првата светска војна.
Круна на борбата се одлуките на Првото заседание на АСНОМ во 1944 година, со кои се оживотворени повеќевековните идеали за основање македонска држава.
Минувајќи го патот на својот повеќедецениски развој и растеж како дел од СФРЈ, а потоа и како самостојна држава, пребродувајќи го конфликтот во 2001 година, Северна Македонија денес е полноправна членка на Обединетите нации, членка на НАТО и очекува одржување на првата меѓувладина конференција која означува старт на преговорите за членство со Европската Унија.
МИА
Ново на Сител
-
Украина без струја по руски напади
-
Руте најави дополнителни мерки на НАТО за борба против дроновите
-
Лавров: ЕУ сака да го претвори украинскиот конфликт во војна на Трамп
-
Најмоќниот Македонец во Белград | Тома Фила | Неформално | Sitel Podcast 118
-
Фон дер Лајен: Целосно стоиме зад вас, топката е во вашиот двор
-
Мисајловски: Подготвени сме да ја поддржуваме Украина, но мора да се грижиме и за нашата Армија
-
Албанската полиција на ГП „Блато“ заплени стока прошверцувана од Македонија
-
Таксист полово нападнал патничка - компанијата го отпуштила од работа