Македонија
4. October 2025 - 16:33

СДСМ продолжува со активностите на терен

Ниту СДСМ ги урнала, ниту ВМРО-ДПМНЕ ги вратила националните позиции на спорот со Бугарија и евроинтеграциите на државата. Претседателот на СДСМ Венко Филипче вели, предлог-резолуцијата која тој ја поднесе до Собранието е потврдување на националните црвени линии.

- Ајде еднаш сите заедно, 120 пратеници, како што тоа го прават сите држави, вклучувајќи ја и Бугарија кадешто сите пратеници имаат заедничка декларација во Собранието бугарско за нивните интереси, ајде тоа да го направиме ние, да е конечно јасно и да потпишеме сите што е тоа национален интерес, кои се нашите црвени линии и дека за тоа едноставно не преговараме. Токму тоа стои во нашата предлог-резолуција. За јазикот, идентитето, културата ние не преговараме. Тоа се нашите црвени линии, вели Филипче.

Заедно со кандидатите за градоначалници на Град Скопје и на Кисела Вода, Каја Шукова и Горан Трајковски беше во населбата 11 Октомври. Шукова пред граѓаните кажа дека во нејзината програма има мерки наменети за домаќинствата со кои ќе се сузбие аерозагадувањето.

- Градот ќе обезбеди субвенции за сите домаќинства кои повторно ќе се приклучат на парно греење. Покрај тоа што треба да се прошири мрежата на парно греење и оние коишто се исклучија, но и нови граѓани коишто влегуваат во нови живеалишта треба да се приклучат на парно греење. Ќе помогнеме и на постојните домаќинства кои се загреваат на цврсти горива, односно на оџаци, покрај чистењето на оџаците, бесплатни филри од Градот. Секоја година најмалку 5.000 домаќинства ќе бидат обезбедени со бесплатни филтри, вели Шукова.

Фокус на кандидатот за градоначалник на Аеродром, Александар Трајановски ќе бидат младите. Вели, тие се двигателот на општеството.

- Во таа насока предвидуваме: Креирање Фонд за млади за финансиска поддршка на младите претприемачи и младинските организации; Формирање Локален малдински совет кој ќе биде гласот на младите во општината, вели Трајановски

Кандидатот за градоначалник на Гази Баба, Влатко Митовски од пазарот во Автокоманда најави поддршка за пазарџиите.

Наша цел е да создадеме уреден, фер и поттикнувачки систем за сите кои се занимаваат со пазарска дејност. Затоа, сите пазарџии ќе бидат стимулирани со субвенции од 50% од котизацијата на тезгите со што директно ќе им ја олесниме работата и ќе го поддржиме нивниот бизнис. На тој начин, не само што ќе им помогнем на оние кои веќе редовно работат и плаќаат, туку ќе ги поттикнеме и т.н. „диви“ препродавачи да станат дел од пазарите, вели Митковски.

СДСМ попладнево кампањата ја продолжува во Чашка, Градско, Велес и Свети Николе.