Сијарто: Нема да поддржиме членство на Украина во ЕУ, не нè интересира што мисли Москва за тоа
Министерот за надворешни работи на Унгарија Петер Сијарто повторно изјави дека Будимпешта нема да го поддржи членството на Украина во Европската Унија, нагласувајќи дека земјата не ја интересираат ставовите на Москва во врска со ова прашање.
Сијарто ја образложи позицијата на Унгарија по вчерашната средба на украинскиот претседател Володимир Зеленски со претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта. По средбата, Зеленски рече дека кога ниту рускиот претседател Владимир Путин не се спротивставува на членството на Украина во ЕУ, тогаш „ставовите на некои земји, особено на Унгарија, навистина изгледаат чудни“.
На тоа, шефот на унгарската дипломатија порача дека украинскиот претседател ја изнесува својата аргументација, но дека унгарската позиција не е диктирана однадвор. – За разлика од него, нашата позиција не се одредува однадвор. Не нè интересира што мислат во Москва за членството на Украина во ЕУ, рече Сијарто, додавајќи дека Будимпешта ја интересира само мислењето на унгарските граѓани.
Тој се повика на референдумот организиран од унгарската влада, според кој мнозинството граѓани се изјасниле против членството на Украина поради „закани“ за земјоделството, пазарот на трудот и безбедноста.
Украинскиот министер за надворешни работи, Андриј Сибиха, одговори дека приклучувањето на Украина кон ЕУ не претставува никаква закана за Унгарија.
– Земјоделците од Унгарија никогаш не ја блокирале украинско-унгарската граница. Напротив, годинава активно купуваат украинска пченка, изјави тој, нагласувајќи дека и пред руската инвазија, Унгарија повикувала украински работници да го надоместат недостигот од квалификувана работна сила.
Сибиха додаде дека и унгарската заедница во Закарпатија го поддржува евроинтегративниот процес. – Наместо кавги на Твитер, да се сретнеме и да водиме суштинска дискусија. Убеден сум дека можеме да постигнеме прагматични решенија во добра волја – заради заедничките интереси на нашите народи, за мир и безбедност во обединета Европа, порача Сибиха.
Иако сите 27 членки на ЕУ формално дадоа „зелено светло“ за започнување преговори со Украина за пристапување во Унијата, Унгарија го блокира процесот.
Минатата година, Будимпешта ѝ достави на Украина листа од 11 барања, главно поврзани со заштитата на правата на националните малцинства. Во мај, Киев предложи дополнителни решенија и двете страни се согласија за редовни консултации, но унгарската страна ги одложи поради апсење на лица обвинети за шпионажа во корист на Унгарија.
Во меѓувреме, Литванија предложи почеток на преговори со Украина и Молдавија по првото поглавје од пристапниот процес, дури и без согласност на Унгарија. Идејата е преговорите технички да се водат со одобрение на 26 членки, а правно да се финализираат кога сите 27 земји ќе ја дадат согласноста, доколку се промени ставот на Будимпешта.
МИА
Ново на Сител
-
Кај малолетник од Скопје пронајдени пиштол и куршуми
-
Николоски: Досега 34 километри од автопатот Кичево - Охрид се во активна употреба, двата аеродроми ќе бидат автопатски поврзани
-
Во Болницата во Кочани задржани се четворица пожарникари со полесни изгореници, осуммина се на Токсикологија во Скопје
-
Вашингтон се заканува со санкции, Колумбија уверува дека се бори против шверцот на кокаин
-
Украина соопшти дека го нападнала нафтоводот „Дружба“ во руската Брјанска област
-
Н1: Разрешен командантот на српската Специјална антитерористичка единица
-
ЦУК: Побарано воздушно дејствување врз пожарот во Липковско на страната од Скопска Црна Гора
-
Мицкоски: Нашата економија во вториот квартал забележа реален раст од 3,4 отсто и е меѓу петте земји во Европа по раст на БДП