Македонија
1. September 2025 - 16:32

Поранешниот директор на Геријатрија не се чувствува виновен за примањето 20.000 евра поткуп

Не се чувствуваат виновни двајцата обвинети во случајот „Геријатрија“. Поранешниот директор на Клиниката за Геријатрија Мухсин Арифи кој се гони за примање поткуп и Блерим Амити, кој посредувал пред Судот кажаа дека не чувствуваат вина.

Арифи, според обвинителниот акт, побарал 20.000 евра за да овозможи болнички прием на пациентка во тешка здравствена состојба. Амити, пак, се понудил да посредува и ги примил парите, па на лице место бил фатен од полицијата. 

Одбраната тврди – обвинителниот акт е избрзан, а тие ќе докажат дека станувало збор за недоразбирање. 

За обвинителството ова тврдење е комично. Обвинителката Искра Хаџи Василева рече, обвинетите дејствувале од лукративни причини. Со цел лично богатење ја искористиле ранливоста на пациентката и нејзината потреба за итна медицинска грижа. Таа рече дека пропорциите и интензитетот на корупцијата се толку многу длабоки што не потсетуваат дека ја засегаат секоја сфера од нашето живеење. 

- Малку комично колку што забележав дека рече колегата дека тоа може да делува. Навистина, кратко, многу комично – недоразбирање. Ова го велам бидејќи доказите со кои ние располагаме и кои ќе бидат изнесени пред судот, апсолутно не може да, било каква двојба остават дека станува збор за недоразбирање при чинот на директно барање мито и поткуп за дејствија кои директорот морал да ги изврши, вели обвинителката Хаџи Василева. 

Одбраната најави дека во текот на постапката на кривичната постапка ќе презентира докази во вид на статут, процедури и законски одредби кои произлегуваат од самата Клиника за геријатрија. Преку нив, според одбраната, ќе бидат отворени неколку правни прашања со цел да се докаже дека двајцата обвинети, Арифи и Амити не можеле, односно немале намера да извршат кривично дело.

- Преку сослушување на сведоци и презентирање на материјални докази, посебно еден доказ којшто во текот на постапката, ќе бидете трпеливи ќе го имате и вие на располагање, ќе докажеме дека обвинетиот Муксим Арифи, а посебно како целина и обвинетиот Муксим и обвинетиот Блерим Амити немале намера и не можеле да извршат вакво дело како што се претендира да докаже преку обвинителниот акт, рече адвокатот Скендер Мехмети.

Обележаните 20.000 евра беа пронајдени во рацете на второосимничениот Амети на паркингот пред Клиниката за геријатрија. Додека траело предавањето на парите, директорот Арифи бил во дворот на болницата.

Првото рочиште на почетокот на месецот беше презакажано оти Арифи се појави без адвокат. И Арифи и Амити се во притвор поради опасност од бегство и влијание врз сведоци.