Македонија
20. August 2025 - 21:08

Од понеделник на над 6 илјади службени возила ќе им се ставаат црвени регистрации

Од понеделник ќе се менуваат регистарските таблици на над 6 илјади службени возила. Функционерите од Владата, министерствата и останатите државни институции ќе се возат во автомобили со црвени таблици испишани со жолти бројки и букви. 

Процесот комплетно треба да биде завршен за еден месец отсега. Целта е, меѓудругото, да се спречи развозување на партиски настани и митинзи во пресрет на кампањата за претстојните локални избори. 

„Таблиците се набавени, распоредени се по магацините на МВР низ градовите и сите овие институции практично почнуваат од понеделник да прават промена на таблиците. Мислам дека ќе се движи брзо и ќе тече динамиката според очекуваното. Очекувам процесот да заврши 20-ти септември. 10 дена давам да направиме еден пресек да видиме како ќе се движи динамиката. Од оние запишани 6 до 7 илјади службени возила сакам да направам еден пресек, за десет дена да видиме дали се движиме во добар правец или оди споро па треба повторно да ги потсетуваме институциите да си ја завршат обврската“ – Ивица Томовски, директор на Службата за општи и заеднички работи

Институциите кои нема да ги сменат табличките наместо казни, засега, ќе добиваат само опомени. Но, првиот човек на СОЗР не ја исклучува можноста за законски измени кои ќе предвидат и казнени одредби. 

„Правилникот не предвидува казни, ова е препорака од Владата до сите институции да мора да ги променат таблиците за да бидеме потранспарентни во јавноста. Доколку не го направат тоа институциите ќе следат нови препораки се додека не се увиди дали ќе постапуваат или не. Ако не постапуваат согласно препораките од Владата, во тој случај ќе пријдеме со законски измени за нови правилници каде што ќе предвидиме и казни, но мора оваа злоупотреба еднаш да се искорени“ – Ивица Томовски, директор на Службата за општи и заеднички работи

Сепак, нова таблица нема да добијат сите возила. 

„Има одредени возила кои не треба да бидат обележани како на пример инспекциски служби, возила на министерството за внатрешни работи, армијата, коишто мора да бидат со приватни таблици, односно непрепознатливи“ – Ивица Томовски, директор на Службата за општи и заеднички работи

Службата за општи и заеднички работи ќе објави и телефонски број и имејл адреса, каде што граѓаните ќе можат да пријавуваат доколку забележат злоупотреба на службено возило. Пријавите, оттаму, ќе бидат проследени до надлежните институции.