Македонија
11. August 2025 - 16:36

Општините потрошиле рекордни 190 милиони евра преку тендери

Општините уриваат рекорди, Град Скопје преживува. За една година 80-те општини заедно со Град Скопје потрошиле рекордни 190 милиони евра преку склучување на 4.006 договори за јавни набавки, покажува истражувањето на Центарот за граѓански комуникации.

Но огромен пад се бележи кај трошењата на Град Скопје ентитет кој традиционално троши најмногу. Ако во 2021 година Градот преку Системот за јавни набавки потрошил 46 милиони евра лани градоначалничката Арсовска потрошила само 7 милиони евра. Со тоа, Град Скопје е на дното на листата на трошење по глава на жител. За една година Градот дал само 14 евра по глава на жител.

Истражувањето на Центарот за граѓански комуникации покажува дека најголем скок во вредноста на тендерите имаат скопските општини Гази Баба, Аеродром и Кисела Вода.

Гази Баба е општината која потрошила најмногу преку Јавни набавки – 11,7 милиони евра. Близу до неа се и Битола и скопски Аеродром.

Но на што се должи растот на јавни набавки на општините?

- Главно мислам дека скокот, оваа рекордна сума се должи на јавните набавки во градежните работи. Секако тука влијаат 74-те милиони евра, вредност на јавни набавки што лани во првата таа транша од унгарскиот кредит Владата им ги даде на општините. За годинава се предвидени уште 40-тина нови. Ткаа што, само да кажам, крајот на минатата година и почетокот на оваа, 125 милиони евра договори за јавни набавки се однесуваат на овие пари и за градежни работи. И мислам дека тука е најголемиот скок, бидејќи лани не беше фактор цената на струјата и некои други промени, вели Герман Филков од Центарот за граѓански комуникации.

Општините склучиле нешто над 4.000 договори со 1.210 компании. Дури една четвртина од 190-те милиони евра, или 47,5 милиони евра завршиле во 10 фирми.

Што укажува на висока концентрација на фирми. Притоа имаме три фирми со повисоки износи. Тоа се градежни, за електрична енергија коишто имаат милионски, 5, 8 милиони евра за јавни набавки. И уште крајно, што имаме општини во коишто една фирма доминира. Односно, имаме повеќе од 50% од вредноста на набавките, вели Филков.

Најголемиот поединечен договор за јавна набавка е склучен од страна на Струмица со Џови Компани Ново Село во вредност од 4,5 милиони евра за изградба на градскиот пазар.

Вториот тендер по големина е од страна на Град Скопје кој за 3,3 милиони евра набавил електрична енергија од ЕДС. Третиот по големина тендер е на општина Аеродром. За доградба на Основното училиште Блаже Конески општината исплатила 3,2 милиони евра на ЖИКОЛ ДООЕЛ Струмица.