Македонија
26. July 2025 - 16:52

Иницијативата за протоколот со Бугарија пред уставните судии по летните одмори

Поднесената иницијатива до Уставниот суд за преиспитување на уставност на Протоколот со Бугарија најверојатно ќе се најде пред судиите по летните одмори.

Судиите треба да одговорат дали Протоколот од втората меѓувладина седница со Бугарија од 17 јули 2022 година ја има поминато легалната процедура за негово договарање, усвојување од страна на Владата, потпишување, собраниска ратификација и објава во Службен весник.

Поранешната пратеничка Лилјана Поповска која ја поднесе иницијативата бара Уставниот суд да го прогласи за ништовен, бидејќи според неа, прекршени се 19 члена од законските решенија за негово усвојување. 

Шефот на македонската дипломатија Тимчо Муцунски во телевизиско гостување оценува дека ваквата иницијатива ќе потврди дали уставните измени се единствената пречка за Бугарија за откочување на нашиот евроинтеграциски процес. Министерот смета дека ова е еден од најштетните документи во историјата на нашата надворешна политика и таков каков што е во овој момент нема никаква задолжителна правна примена. Според него, овој протокол во неговата содржина излегува надвор од рамките на Договорот за добрососедство.

По ваквиот став, бугарските медиуми пишуваат, дека Муцунски ја нападнал преговарачката рамка со ЕУ и условите поставени од сите земји-членки на блокот.

Бугарски БГНЕС обвинува дека македонскиот министер ги заведува своите сограѓани зборувајќи за „бугарска блокада“.